Понуда или принуда?
Бобан Илијевски
И ете, кончено на површина излезе она коешто го зборував со месеци наназад – дека работодавачите во Македонија ќе ги принудуваат вработените да се вакцинираат. Дојде моментот на вистината. Она што е застрашувачки е што истото се прави преќутно, без ниту една надлежна институција да реагира.
Од секаде доаѓаат информации за тоа дека одредени компании во приватниот сектор веќе започнале да ги принудуваат вработените да се вакцинираат, а некои дури и да ги „поткупуваат“, не земајќи го во предвид фактот дека со ваквиот потег прават директна дискриминација врз вработените коишто не сакаат да се вакцинираат. Ќе потсетам дека вакцинирањето е доброволно и иако јас лично, како и што кажав претходно, сум за масовна имунизација, сепак тоа е личен избор.
Морам да признам дека не бев изненаден кога прочитав дека одредени компании им давале на вработените листа за да се потпишат или да напишат дали се вакцинирани или не. Вчера Левица излезе со реакција во која посочи две кочански компании кои „секоја на свој начин“ им „понудила на вработените да се вакцинираат.
Со цел да бидам прецизен, ќе се повикам на дел од реакцијата на Левица. Имено, во истата од политичката партија посочуваат дека кочанската фабрика „АНТУРА“ преку писмено соопштение им се заканува на работниците дека, како што велат од Левица, доколку не се вакцинираат ќе бидат прераспределени на други работни места или привремено отстранети од работа. Од таму посочуваат дека иако притисокот е суптилен и индиректен, влева страв кај работниците кои плашејќи се за своето работно место, изјавуваат дека се принудени да се вакцинираат против своја волја.
Од друга страна, според Левица, компанијата „АМФЕНОЛ“ оди со друга форма на притисок преку нудење на „награда“ од 500 денари и „новогодишен“ бонус од 3,000 денари за оние работници кои ќе се вакцинираат, истовремено не дозволувајќи им на кандидатите за вработување да конкурираат за вработување, доколку не се вакцинирани.
Пред некој ден и лично до мене дојде информација, за тоа дека одреден работодавач на невакцинираните работници не им дозволувал да ги користат тоалетите. Името на компанијата не би можел да го откријам, од причина што немам доволно информации, но се надевам дека наскоро ќе се открие за кого станува збор.
Со самото тоа што вакцинирањето против Ковид – 19 не е задолжително, туку е доброволно, ваквите притисоци имаат дискриминаторски карактер. Присилувањето на работниците да се вакцинираат е спротивно на Декларацијата за човекови права, како и на Резолуцијата број 2361 од 27.01,2021 година донесена од страна на Советот на Европа. Имено, во делот 7.3.1 од оваа Резолуција стои: „Ќе се овозможи граѓаните да бидат информирани за тоа дека вакцинацијата не е задолжителна и дека никој не е под политички, социјален или друг притисок за да се вакцинира, доколку не сака“.
Во следниот дел, односно 7.3.2 стои: „Никој не може да биде дискриминиран поради тоа што не сака да се вакцинира, поради можните здравствени ризици или поради одбивањето да прими вакцина“.
Резолуцијата го поткрепува она што го велам јас, а и го велат многу експерти во Македонија. Сепак, моја лична препорака е оние коишто немаат никакви здравствени проблеми, односно ризици да се вакцинираат, за да постигнеме колективен имунитет, за да кончено заврши оваа криза и да се вратиме во нормала. Теории на завери постоеле и ќе постојат. Вирусот е вистински. Знам, бидејќи јас го имам почувствувано на своја кожа, а и многу мои блиски.

