Поради негрижа на раководните структури државата троши пари на судски постапки и плаќа преку извршители
Се почитуваат ли судските одлуки од страна на јавни претпријатија и државни институции кога станува збор за изгубени работни спорови?
Експертите велат дека не е единствен случајот на Елизабета Тошевска, вработена во ЈСП, која и покрај пресудата сè уште не е вратена на старото работно место и не може да си го наплати обештетувањето кое и следува. Професорот по трудово право Лазар Јовевски вели дека има многу слични случаи кога поради неизвршување на судските одлуки фирмите во државна сопственост или институциите непотребно трошат буџетски пари.
„Голем проблем е ако работодавачот не ја изврши пресудата навреме. Зошто? Проблемот има два аспекта. Прво, затоа што се водел спор кој што најверојатно можел да биде решен и на мирен начин или преку некои други методи, алтернативни, за решавање на споровите во рамките на трудот и работните односи. Со тоа би се избегнале финансиските трошоци во однос на самиот спор, Основен, Апелација, некогаш и до Врховен Суд итн. Тоа е едниот моментум и вториот аспект е кога веќе се губи спорот од страна на работодавачот т.е. од оној носител на јавната функција, тогаш најмалку што треба да се направи е веднаш да се постапи по пресудата. Во спротивно, вработениот ќе биде приморан да оди во следна постапка, а тоа е извршна постапка преку извршител. Тоа, според мене, е една многу лоша ситуација во однос на финансиско оптоварување на самите институции и на самиот буџет на Македонија. Буџетот се полни од пари на граѓаните, така што секој изгубен спор на вработен во јавниот сектор го плаќаме сите ние“, вели Лазар Јовевски, професор по трудово право.
Според Јовевски, личната нетрпеливост по разни основи е најчеста причина за ваквите спорови. Но, проблемот, вели, е системски, бидејќи работодавачот кој не ги почитува судските одлуки не сноси одговорност за тоа што непотребно ги троши парите на граѓаните.
„За да имаме радикален пресврт во однос на ова прашање мора радикално да се променат односите во однос на одговорноста. И тоа значи дека кога работодавач во јавниот сектор незаконито очигледно води постапка против вработен со цел само да му наштети, да го малтретира, да го вознемирува вработениот и при тоа претходно веќе е сигурен дека ќе ја изгуби постапката на суд, тогаш целата постапка треба да си ја плати од сопствениот џеб, односно од сопствениот домашен буџет. Зошто да плаќа целата држава, секој даночен обврзник, зошто да ги трошат парите на даночните обврзници во Македонија луѓе кои што се пресметуваат со неистомисленици или со луѓе кои што не им се едноставно по нивниот мерак“, вели Лазар Јовевски, професор по трудово право.
Единствена одговорност со која што може да се соочи раководителот во институцијата или јавното претпријатие во случај кога не ги почитува судските одлуки и неосновано троши буџетски пари за работни спорови е да биде сменет од функцијата.
Извор: Сител

