Породилното отсуство не смее да се смета за кариерна стагнација или уназадување на жената!
Породилното отсуство не смее да се смета за кариерна стагнација или уназадување на жената!
Во Република Македонија правото на породилно отсуство изнесува 12 месеци, од кои 9 платени и три неплатени (кои мајката може, но и не мора да ги искористи). Во овој период од 9 (или 12 месеци) во кој жената не оди на работа, вообичаено се смета дека е период на неактивност на жената, иако не е правилно да се смета така. На жените е потребно да им се овозможи период на мајчинство, тоа е нивна биолошка, но и социјална улога, како и законско право кое го користат.
Потребно е да се подигне свеста пред сè на работодавачите, дека овој период не е ниту стагнација, ниту загуба за фирмите, туку природен процес на мајчинство, по кој жената се враќа на работа. Веројатно потребно е да се регулира периодот на породилно отсуство на жената поинаку, односно да не се смета за нејзина неактивност и кариерна стагнација.
Исто така, за оние мајки кои можат и сакаат да се едуцираат во периодот на породилното отсуство, веројатно ресорното министерство може да организира онлајн курсеви и/или други ресурси за едукација и обука, но притоа да се исклучи можноста од наметнување на таквите средства како задолжителни, па макар и посакувани/ препорачани од страна на работодавачот, туку да се задржи карактерот на незадолжителност и факултативност, согласно личен избор на жената.
Од друга страна и како општество воопшто мора да го перцепираме периодот на породилно отсуство како составен дел на кариерата на жената и како позитивен настан во нејзиниот живот. Жените треба да бидат охрабрени да се реализираат и на семеен план, се разбира повторно согласно личниот избор.
Тимот на Јуридика

