Останато

Потврдено: Работниците се потрошен материјал во оваа држава

Колумна на Бобан Илијевски

Уште еднаш се потврди дека работниците во Македонија не се почитуваат воопшто. Уставниот суд не го укина спорниот Закон за изградба без тендер на автопатите од Коридорите 8 и 10, во кој се предвидува градежните работници да работ по 60 часа неделно. Со ова испадна дека дури и Законот за работни односи којшто е системски за сферата на трудот е само лист хартија и ништо друго.

Оваа одлука укажува и на тоа дека на надлежните единствено важно им е да профитираат на грбот на работниците, но и се потврди она што веќе две и пол години наназад го зборувам за состојбата со работничките права во Македонија.

Алал нека им е и на пратениците коишто го поднесоа овој закон, а и на оние коишто го донесоа по скратена постапка во Собранието. Покажаа дека единствено нешто до што им е грижа е да удоволуваат на бизнис лобија и интереси. Тука се прашувам, дали е соодветно веќе да ги нарекуваме пратеници? Според мене не.

Наместо да се насочуваат кон тоа да носат закони со коишто би ги задржале работниците во Македонија, тие носат закони со кои ги бркаат од државата. Епа, драги мои, очекувајте во следниот период уште помасовно иселување на младите, но и постарите луѓе. До тоа дереџе сме дојдени што и луѓе со семејства ќе ги пакуваат куферите и ќе бегаат без да се завртат назад. Само продолжете вака и ќе бидете и власт и пратеници на самите себе.

Колумната тука завршува, немам што повеќе да пишувам. Еден ден, сите вие коишто 30 години ја јадете државата ќе се освестите, но ќе ви биде доцна.

П.С. Очекувајте се помала и помала излезност на следните избори.