ПравдаСветот на работникот

Правилата за личните податоци во контекст на вработувањето вклучуваат и мерки за заштита на човековото достоинство

АКТУЕЛНО!!! Правилата за личните податоци во контекст на вработувањето вклучуваат и мерки за заштита на човековото достоинство
Новиот Закон за заштита на личните податоци стапува во примена во целсост денес. Со овој закон се уредува заштитата на личните податоци и правото на приватност во врска со обработката на личните податоци, а особено начелата поврзани со обработката на личните податоци, правата на субјектот на личните податоци, положбата на контролорот и обработувачот, преносот на личните податоци во други држави, основањето, статусот и надлежностите на Агенцијата за заштита на личните податоци, посебните операции на обработка на личните податоци, правните средства и одговорноста при обработката на личните податоците, супервизијата над заштита на личните податоци, како и прекршоците и прекршочната постапка во оваа област.
Заштитата на личните податоци се гарантира на секое физичко лице без дискриминација заснована врз неговата националност, раса, боја на кожата, верски уверувања, етничка припадност, пол, јазик, политички или други верувања, материјална положба, потекло по раѓање, образование, социјално потекло, државјанство, место или вид на престој или кои било други лични карактеристики.
Покрај бројните новини и должности за контролорите од областа на заштитата на личните податоци и заштитата на приватноста кои произлегуваат од зголемената употреба на новите информациско/информатички технологии, во Законот се предвидуваат и одредби за обработката на личните податоци во контекст на вработувањето.
Со закон или со колективни договори, се пропишува во членот 85 од Законот за заштита на личните податоци, може да се предвидат повеќе специфични правила за да се обезбеди заштита на правата и слободите во однос на обработката на личните податоци во контекст на вработувањето.
Овие специфични правила се однесуваат особено за целите на вработување, исполнувањето на договорот за вработување, вклучувајќи извршување на обврските утврдени со закон или со колективни договори, управувањето, планирањето и организацијата на работата, еднаквоста и различноста на работното место, здравјето и безбедноста при работа, заштита на имотот на работодавачот или на потрошувачите за целите на остварување и користење на индивидуална или колективна основа на правата и бенефициите од вработувањето, а исто така и за целите на престанокот на работниот однос.
Правилата вклучуваат соодветни и конкретни мерки за заштита на човековото достоинство, легитимните интереси и фундаменталните права на субјектот на личните податоци, особено во однос на транспарентноста на обработката, преносот на личните податоци во рамките на група на правни лица или група на правни лица кои вршат заедничка економска дејност.
Агенцијата за заштита на личните податоци дава мислење за тоа дали специфичните правила предвидени во законот или колективните договори се усогласени со овој закон.
Тимот на Јуридика