МакедонијаПравдаСветот на работникот

Чулев: Вработените во МВР се жртви на политички пресметки

   Време за читање 2 минути

Вработен во МВР од Куманово се распоредува на работно место во Матејче, вработен од Охрид во Струга, колега од Кавадарци се распоредува на работа во Прилеп. а раководно лице од Прилеп е прераспоредено на работа во Битола, а тие со место на живеење во Битола се распоредува на работно место во Македонски Брод…

Ова се дел од примерите што ги наведува поранешниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев според кој Министерството за внатрешни работи е заложник на политички игри, а вработените во оваа институција се жртви на политичките пресметки:

„Конкретните примери говорат за деградирање на професионалци со сериозно и значајно искуство во работата, со голем број меѓународни и домашни обуки позади себе и исклучителни резултати во работењето. Факт е дека станува збор за постапки кои се спротивни на законските прописи во државата и од тие причини ги поттикнувам колегите овие одлуки да ги оспорат пред надлежните институции и своите права да ги бараат пред соодветни органи. Но, истовремено ги поттикнувам за сите овие случаи да ги информираат преставниците на меѓународната заедница во нашата државата, а нив ги повикувам јавно да ги осудат постапките кои се спротивни на заложбите за професионализација и деполитизација на полициските структири. Апелирам до полициските синдикати да ги осудат сите постапки кои се спротивни на законот за полиција и законот за внатрешни работи и цврсто да застанат во одбрана на правата на вработените“, вели Чулев.

Тој порачува дека професионална и одговорна полиција која ќе ги штити граѓаните се гради исклучиво со професионален, одговорен и чесен пристап.

„Политичките поделби и реваншизмот да го оставиме за во Сообранието и во медиумите каде политичарите ја водат таа „битка“. Евроатланските процеси и нивното успешно завршување бараат цврст, одговорен пристап при менаџирањето на оваа значајна институција која ќе ги штити граѓаните и која ќе води бескомпромисна борба со организираниот криминал и корупција“, вели во реакцијата поранешниот министер Наќе Чулев.

Извор: Плусинфо