Дурмиши од Баку: Северна Македонија е производствена и извозна платформа за европските и регионалните пазари
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши учествуваше на Вториот Азербејџански меѓународен инвестициски форум – AIIF 2026.
Дурмиши истакна дека во услови на глобална економска и геополитичка неизвесност, Северна Македонија го гради економскиот раст преку инвестиции, структурни реформи, енергетска сигурност и продлабочување на регионалната и европската интеграција.
„Во време на глобална неизвесност не треба да се повлекуваме од инвестицискиот циклус. Напротив, треба да продолжиме со инвестиции во инфраструктурата, енергетиката, дигитализацијата, човечкиот капитал и производствените капацитети“, порача Дурмиши.
Тој пред инвеститорите ги истакна географската положба на земјата на Коридорите 8 и 10, индустриските зони, развиената автомобилска индустрија и пристапот до повеќе од 650 милиони потрошувачи преку трговските договори.
„Не гледајте на Северна Македонија само како на мал домашен пазар. Гледајте на неа како на производствена, извозна и регионална платформа“, истакна министерот.
Дурмиши нагласи дека приоритет на Владата е привлекување инвестиции со повисока додадена вредност, кои носат нови технологии и знаење, отвораат подобро платени работни места и ги поврзуваат домашните компании со глобалните синџири на вредност.
Во однос на економските движења, министерот посочи дека економијата во вториот квартал од 2026 година оствари раст од 4,3 отсто, што, како што истакна, е дополнителен сигнал за отпорноста и потенцијалот на македонската економија.

