НовостиПравдаСветот на работникот

Пратениците работат во полза на работниците?!

   Време за читање 4 минути

Бобан Илијевски

Законското решение за недела – ден за неделен одмор не успеа да се изгласа и да стапи во сила, поради тоа што започна изборната кампања, а Собранието се распушти.

Измените на законот за работни односи заглавија на второто читање на собраниската Комисија за труд и социјална политика, а на неодредено време е одложена и пленарната седница на чиј дневен ред беше ова законско решение. 

Денеска, Асоцијацијата за правно – економски истражувања „Јуридика“ на својата фејбук страна објави еден краток текст поврзан токму со законското решение за недела неработен ден.

Од Јуридика во објавата наведуваат дека речиси цела година се подготвуваа измените на Законот за работни односи, со кои недела „недела треба да стане реално неработен ден“, потенцирајќи дека процесот бил тежок, обремент со разни „влечења“ од страна на засегнатите и тоа секој на своја страна, за да на крај да дојдат до несоодветно решение во кое се изземени голем број на дејности за чии вработени нема пречка недела да им биде слободен ден. 

„Што се случи? Дали надвладеаа бизнис-интересите или е ова резултат на недоволна политичка волја и посветеност? Дури и кога се оди со приоритети во законодавниот дом, зарем работниците не заслужуваат да бидат приоритет на народните избраници?“, се прашањата кои ги поставува Асоцијацијата во објавата. 

Од таму наведуваат дека измените на овој закон требаше да бидат донесени и веќе да се применуваат од 1. октомври оваа година, нагласувајќи дека пречка за тоа било распишувањето на локалните избори и распуштањето на Собранието. 

„Измените на ЗРО ќе се дискутираат дури по изборите- и тоа повторно без конкретен рок и без слух на мнозинството за потребата од вистински измени. Да останеме трпеливи до конечното донесување на измените на овој Закон, се надеваме колку е можно поповолни за работниците“, посочија од „Јуридика“. 

Ова законско решение наиде и на негативни реакции од страна на синдикатите и граѓанските здруженија, коишто посочија дека доколу остане како што е, на многу мал број работници недела ќе им биде неработен ден. Од Конфедерацијата на слободни синдикати, уште кога се расправаше за ова законско решение, излегоа со став дека истото е дело на популизам и дека нема да има голем позитивен ефект за работниците. 

Премиерот Зоран Заев во еден наврат рече дека доколку не се донесе во предвидениот период, дека може да се донесе и во ноември или декември, наведувајќи дека е добро да се донесе час поскоро за да работниците можат да го уживаат слободното време со своите деца. 

„Тој ќе се донесе веројатно ноември, декември ако биде сега блокиран во септември, но ако се донесе час поскоро работниците ќе можат да го уживаат своето слободно време со децата. Важно е семејството многу, а притоа неделата знае да наполни батерии за понеделникот и за работа итн.“, рече Заев. 

Имено, со ова законско решение би се овозможило 92 % од вработените да се одмараат во недел. Истото гарантира најмалку 50 % повисоки дневници, за оние вработени коишто се водат под Законот за работни односи, додека оние коишто се водат под Законот за трговија, како што се трговските центри, ќе земаат 100 % поголема дневница и истите во недела би работеле од 10 до 18 часот. 

Преостанува да се види кога ова законско решение ќе се изгласа и ќе стапи на сила. 

Фото: Freepik