Прв главен град во светот кој повлече радикален потег: Нема повеќе реклами за месо
Амстердам станал првиот главен град во светот кој забранил јавно огласување на месо и производи поврзани со фосилни горива, со што направил голем исчекор во борбата против климатските промени.
Од 1 мај отстранети се рекламите за хамбургери, автомобили на бензин и авионски патувања од билбордите, трамвајските станици и метроата.
Град без реклами за „високојаглеродни“ производи
Улиците на Амстердам сега изгледаат поинаку – наместо реклами за брза храна и евтини патувања, доминираат огласите за музеите, изложбите и концертите.
Градските власти истакнуваат дека целта е јавниот простор да биде во согласност со климатските планови. Градот сака до 2050 да стане климатски неутрален, како и да ја намали потрошувачката на месо за половина.
Претставниците од политичката партија GroenLinks порачуваат дека нема смисла да се води амбициозна климатска политика, а истовремено да се промовираат производи кои директно и’ наштетуваат.
„Луѓето и понатаму бираат сами“
Мерката ја покренала политичарката Анке Баккер, која нагласува дека со ова не се ограничува слободата на граѓаните.
Како што вели, целта е да се намали влијанието на големите компании кои низ реклами го поттикнуваат купувањето и ги обликуваат навиките на потрошувачите. Преку отстранување на таквите огласи, се намалуваат имплусивните купувања и се испраќа порака дека производите со големо ниво на јаглероден отпечаток повеќе не се пожелни.
Силна порака до индустријата
Оваа одлука има големо симболично значење, бидејќи месото се става во ист контекст со фосилните горива и авионските патувања.
Од друга страна, индустријата реагира остро. Произведувачите на месо предупредуваат дека станува збор за непримерно влијание на потрошувачите и потсетуваат дека месото има важна нутритивна вредност.
„Тутунски момент“ за месото
Еколошките активисти оваа мерка ја нарекуваат историска пресвртинца, споредувајќи ја со некогашната забрана на реклами за цигари.
Како што пренесува BBC, експертите истакнуваат дека она што секојдневно го гледаме во јавниот простор со текот на времето станува социјална норма – па отстранувањето на таквите реклами може да влијае на промените на навиките.
Дали мерките ќе имаат ефект?
Засега нема конкретни докази дека забраната на рекламите директно ја намалува потрошувачката на месо, но експертите веруваат дека може да го промени начинот на размислување на луѓето.
Идејата е едноставна – ако рекламите за одредени производи се насекаде околу нас, такво однесување делува нормално. Кога ги нема, се менува и перцепцијата.
Почеток на пошироки промени
Слични мерки веќе се воведени во други градови во Холандија, а се’ повеќе градови ширум светот размислуваат за забрана на реклами за фосилни горива.
Сепак, останува отворено прашањето колку оваа одлука ќе има вистинско влијание во ера на дигиталното огласување, кое и понатаму доминира во секојдневниот живот.
Извор: Telegraf Biznis/Nezavisne

