Вести

Пред да го смените работното место, заштедете пари за перидот додека барате работа – Е ајде со 15 – 20 илјади заштеди?!

Денеска прочитав еден текст, во кој американски стручњак дава совети за тоа како да се подготвите пред да дадете отказ од вашето работно место. Во текстот конкретно стануваше збор за тоа дека треба да заштедите пари, пред да дадете отказ од моменталното работно место, а беа и наведени совети како да го направите тоа. Би рекол дека истиот текст е од голема помош, но за оние коишто имаат големи примања, како и за оние работници од Западна Европа и САД кои имаат доста добар економски стандард. За обичен работник во Македонија, штедењето е НЕВОЗМОЖНА МИСИЈА, особено ако има деца, односно семејство.

Економскиот експерт и професор на Американ Колеџ, Марјан Петрески во септември месец оваа година, во изјава за Радио Слободна Европа истакнал дека во Македонија, се‘ уште околу 70 % приматели на плата кои имаат износ понизок од просекот, додавајќи дека и обемот на приматели на минимална плата е мошне голем.

Во услови кога имаме толку голем број на приматели на минимална плата, која патем моментално изнесува 15,194 денари, како може некој работник да си дозволи да заштеди, за да даде отказ од работата којашто повеќе не може да ја работи и да започне да бара друга работа. Најголем проблем во сето ова е што многу тешко се доаѓа до работа во Македонија, особено ако бараш според образованието, па така практично е невозможно да се заштеди, за да може да се подмират сите обврски додека не се најде работа. Можат да заштедат само оние кои земаат навистина големи плати, но за жал тие се во многу помал број од примателите на, еве да речеме, 20,000 денари и примателите на минимална плата.

Сето ова е една од многуте причини поради кои работниците остануваат на истите работни места, на кои влегле само поради тоа што не можеле да најдат работат каква што сакаат. И сега тука сигурно ќе си речете: „Еее, нема што сакаш. Било што да се работи“, на што јас ќе ви одговорам: „Се додека мислите така ќе си тапкате во место и нема да бидете успешни на кариерно поле“. Колку и да боли, сепак е вистина, а вистината боли највеќе, но е најдобра. Мораме да започнеме да размислуваме со наша глава, а не со туѓа. Секој ќе ти рече дека треба да се работи нешто, колку само да се работи, но што ако тој начин носи само нервоза, бес и стресови. Вреди ли за 15,200 денари да се живее под стрес и нервози? Апсолутно НЕ. И во мојот живот имало моменти кога самиот сум бил принуден да работам што било, но брзо сфатив дека морам да го сменам тој начин на размислување. Што побрзо сфатите, тоа подобро за вас, иако никогаш не е доцна.

Не сакам повеќе само да ги потенцирам негативностите во нашето општество и затоа се решив дел од оваа колумна да ја посветам на критика на системот, а дел на охрабрувачки пораки, бидејќи доста ми е веќе од негативните аспекти на оваа држава. Мислам дека народот во Македонија има голем капацитет да создаде нешто што ќе има голема вредност во сите полиња на животот, но и во полето на кариерата која би рекол дека е една од најважните сегменти од живеењето, после семејството се разбира.