ЕкономијаМакедонија

Прометот во кичевската чаршија подобрен, но далеку од периодот пред пет шест години

Трговците во кичевската чаршија летово со нетрпение ги очекуваа гастрбајтерите да се вратат во земјава за да го подобрат нивниот промет, по едногодишна пауза кога речиси никој од печалбарите не се врати на годишен одмор во Кичево поради коронавирусот.

Очекувањата на трговците беа делумно исполнети, бидејќи печалбарите не пазареа на нивото од пред неколку години, а и бројот на свадбите што ги имаше во текот на летото се далеку од очекувањата.

-Бројот на печалбари кои летово се вратија на годишен одмор во земјава беше голем, но прометот кој го очекувавме не беше на нивото од пред пет шест години.Причината лежи во помалиот број на свадби кои летово беа направени, бидејќи и печалбарите беа претпазливи поради короната и затоа бројот на свадбени веселби беше нешто помал, а кога нема свадби нема ни така висок промет. Но, и со овој остварен промет мораме да бидеме задоволни, бидејќи ланската година ќе остане запаметена по најслабиот промет остварен во едно лето во последниве три децении, а причината лежи во отсуството на печалбарите од земјава, вели златарот Шоип Ризмани.

И останатите трговци во кичевската чаршија не се презадоволни од остварениот промет, но не се ниту разочарани по ланското лето кога прометот беше речиси нула и кога дел од нив помислуваа да ги затворат своите објекти.

-Прометот кој го остваривме во текот на ова лето беше во рамките на нашите очекувања.Печалбарите кои во голем број се вратија во земјава на годишен одмор, не беа на нивото од претходните години, пазареа умерено што се одрази и врз нашиот вкупен промет. Ниту тие повеќе не се на нивото од пред десетина години кога во текот на летото остварувавме промет еднаков на преостанатиот дел од годината заедно. Сега кога тоа не е случај и без овој нешто поголем промет остварен летово ќе беше уште потешко, вели трговецот Енсул Туфекџиоски.

Сите трговци ги потврдија искуствата на нивните колеги од чаршијата дека прометот бил подобрен, но далеку од претходните две децении.

Инаку во претходните две децении подршката од печалбарите во кичевската општина беше огромна и според многу проценки на годишно ниво во општината се слеваа од 80 до 120 милиони евра по разни основи, што е клучен генератор за развој на општината.

Помалиот промет во чаршијата се должи и на намалениот број на свадби направени ова лето.

-Поради познатите проблеми со Ковид-19 , летово се преполови и бројот на свадби од страна на печалбарите. Наместо над 500, нивниот број едвај стигна до половина, што се одрази и врз нашите приходи. Згора на тоа изминатите години на свадбите беа присутни најмалку 400 гости, за годинава просечната бројка гости на свадбите да изнесува околу 250 гости и ако потсетам дека повеќе од 40 свадби закажани од лани се откажани и тоа има одреден придонес за нашата помала заработка ова лето, вели менаџерот на ресторани за свадби Џевдет Далипи.