СветСветот на работникот

Работат четири дена, петок им е слободен, а продуктивноста е висока: Во оваа земја одамна знаат нешто што остатокот од Европа допрва го открива

Жителите на Холандија без голема помпа усвоија модел на четиридневна работна недела. Додека во многу европски држави за тоа сè уште се водат идеолошки расправи, во Холандија пократката работна недела одамна стана вообичаена практика – и тоа не само во мали фирми, туку и во големи компании.

Вработените во просек работат 32,1 час неделно, што е најмалку во Европската унија и значително под европскиот просек од 36 часа. Истовремено, холандскиот БДП по жител останува меѓу највисоките во Европа и при самиот врв меѓу земјите членки на ОЕЦД. Тоа ја доведува во прашање претпоставката дека богатите држави мора да работат подолго за да останат конкурентни.

Во амстердамската компанија Positivity Branding, која советува фирми во областа на брендирање и дизајн на пакувања, четиридневната работна недела е воведена пред седум години. Ко-основачите Гевин Арм и Берт де Вит одлучиле и тие и нивните вработени да работат по 32 часа неделно – без намалување на платите и без продолжување на работниот ден.

„Децата се мали само еднаш“, вели Арм, објаснувајќи дека многу претприемачи целосно се посветуваат на работата, често токму поради семејството, а подоцна сфаќаат дека ги пропуштиле најважните години од животот на своите деца. Де Вит додава дека не станува збор за помал обем работа за истата плата, туку за промена на менталитетот.
„Работиме попаметно, не подолго“, нагласува тој.

Слични искуства доаѓаат и од софтверската компанија Nmbrs, каде раководството тврди дека по преминот на четиридневна работна недела се намалиле боледувањата, а се зголемила лојалноста на вработените. Петокот е неработен ден и се користи за одмор, семејство или лични активности.

„Најдобрите идеи ми доаѓаат додека го шетам кучето“, вели директорката за човечки ресурси Марике Пеперс. Сепак, преминот не бил лесен. Инвеститорите морале да се убедат во одржливоста на моделот, а дел од вработените првично се сомневале дека ќе можат да ја завршат работата за пократко време. Решението било најдено во појасно поставени приоритети и значително намалување на бројот на состаноци.

Институционална поддршка

Четиридневната работна недела во Холандија има и институционална поддршка. Најголемиот синдикат, FNV, лобира таа да стане официјална препорака на владата, додека вработените веќе имаат законско право да побараат скратено работно време. Речиси половина од вработените работат неполно работно време – највисок удел меѓу земјите на ОЕЦД. Дури три од четири жени и еден од четири мажи работат помалку од 35 часа неделно.

Високите плати, но и даночниот систем кој особено го оптоварува средниот слој, ги прават дополнителните часови помалку исплатливи. Затоа многу семејства се одлучуваат да „заменат приход за време“.

Економистите, сепак, предупредуваат дека моделот има свои граници. Иако продуктивноста е висока, нејзиниот раст во последните 15 години стагнира. Дополнително, Холандија, како и поголемиот дел од Европа, се соочува со стареење на населението – има сè повеќе пензионери, а сè помалку работоспособни граѓани.

„Холанѓаните се богати и работат помалку, но прашањето е колку тоа е одржливо на долг рок“, предупредуваат од ОЕЦД. За да го задржи сегашниот квалитет на живот, земјата ќе мора или да ја зголеми продуктивноста по работник или да ја прошири работната сила, можеби и преку поголема имиграција.

Поголемо учество на жените

Еден од потенцијалите лежи во поголемо вклучување на жените со полно работно време. Иако вработеноста кај жените е висока, повеќе од половина од нив работат скратено – трипати повеќе од просекот на ОЕЦД.

Покрај недостигот од достапни градинки и сложениот систем на даноци и социјални надоместоци, важна улога играат и општествените ставови. Истражување од 2024 година покажало дека една третина од граѓаните сметаат дека мајките со деца помлади од три години не треба да работат повеќе од еден ден неделно, додека речиси 80 отсто мислат дека три дена се максимум. Кај татковците овие проценти се значително пониски.

Синдикатот FNV верува дека нормализирањето на четиридневната работна недела може да придонесе за поголема родова рамноправност и помалку отсуства од работа. Поддржувачите тврдат и дека пократкото работно време би можело да ги направи дефицитарните сектори, како образованието и здравството, попривлечни. Критичарите, пак, потсетуваат дека секоја економија, без разлика на ефикасноста, има ограничувања кога нема доволно работна сила.

Холандскиот модел денес стои меѓу две толкувања: за едни е доказ дека е можно да се работи помалку, а да се живее подобро; за други – привилегија на богато општество кое допрва треба да ја докаже долгорочната одржливост на таквиот систем.

Како и да е, прашањето што го поставуваат самите претприемачи од Амстердам останува едноставно: ако работите помалку денови, а притоа сте посреќни и попродуктивни – зарем тоа не е, на крајот, суштината?

Извор: EUpravo zato / BBC