Работат 44, а плата земаат 1.410 лица
Година и пол по формирањето, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците сѐ уште е во фаза на просторно консолидирање и кадровско екипирање. Иако на платниот список има околу 1400 формално вработени лица, сепак, моментално, според информациите што ги добивме, во рамките на Министерството реално работат 44 лица. Но, како што велат оттаму, тенденцијата е во иднина бројката да достигне околу 150 лица, со цел навремено и квалитетно да се остваруваат утврдените надлежности.
Дел од овие 44 лица кои секојдневно ги извршуваат работните обврски сега се стационирани во централниот дел на Владата, каде што всушност се наоѓа и кабинетот на министерот Артан Груби. Во друг дел од владината зграда, пак, поточно во седмата купола, се наоѓаат работните простории на друга група вработени. Најпосле, уште еден дел од нив се наоѓаат во зградата на Министерството за земјоделство, каде што беа преместени во периодот кога се реконструираше владината зграда и останаа таму до ден-денес.
Со цел да направиме увид на самото место како функционира ова најново министерство во државната управа, ја посетивме владината зграда, каде што разговаравме со државниот секретар Рами Ќерими, како и со неколку вработени во Министерството, кои се дел од институцијата уште од времето кога таа функционираше како Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор. Тие тврдат дека Министерството функционира непречено и тековно, обидувајќи се на транспарентен начин да ги врши задачите за коишто е формирано.
– Како што е познато, ова министерство е формирано со трансформација на Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, така што во својата смисла и суштина ги има вредностите и целите на Рамковниот договор. Со тоа што сега институцијата функционира како министерство, политичката сила и тежина е поголема, а надлежностите се проширени и засилени. Проблем е тоа што сега вработените се поделени на повеќе места, а во Владата нема просторни услови да функционираме, но се обидуваме да го решиме тоа прашање – ни изјавија од Министерството.
Повеќе на Самопрашај.мк

