Работилница „КАКО ДА СЕ ИЗБЕГНАТ ЗАМКИТЕ НА ПРОПАГАНДАТА? – ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА ГЕОПОЛИТИЧКИ ТЕМИ ЗАСНОВАНО НА ФАКТИ“
Денес (петок, 5 февруари 2021) граѓанската организација ЕСТИМА одржа еднодневна работилница на тема „Како да се избегнат замките на пропагандата? – известување за геополитички теми засновано на факти“. На работилницата учествуваа триесетина студенти и постдипломци на областите новинарство и меѓународни односи од различни универзитети во земјава, како и млади професионалци од државните институции.
Работилницата ја спроведоа искусни експерти и практичари од областа на новинарството и меѓународните односи, и тоа проф. д-р Јасна Бачовска-Недиќ од Правниот факултет во Скопје, Ана Крстиновска, синолог и истражувач од ЕСТИМА и новинарот Павле Беловски од телевизијата Телма. Во воведниот дел свое обраќање имаше и советникот за односи со јавност во Амбасадата на САД во Скопје, г. Лук Захнер кој сподели лични професионални искуства и совети од долгогодишната работа во јавната дипломатија.
Учесниците имаа можност да се запознаат со основните онлајн алатки и техники користени во рамки на пропагандните активности на трети држави и пред сè од страна на авторитарните режими со цел нивно препознавање и избегнување. Проф. Бачовска-Недиќ се осврна на улогата на регулативата и регулацијата, како и потенцијалните предуслови за ширење и успех на странската пропаганда. Ана Крстиновска се фокусираше на пропагандните стратегии на Кина и Русија, особено во текот на пандмијата на КОВИД-19. Работилницата содржеше и практичен дел со новинарот Беловски посветен на подготовката на анализи, извештаи, новинарски прилози и други документи на геополитички теми кои, дури и во тешки услови како предизвиците наметнати од КОВИД-19, ќе бидат проверени, добро аргументирани и поткрепени со факти.
Како „домашна задача“ од работилницата, учесниците се обврзаа да подготват кратки прилози и анализи на тема „КОВИД-19 инфодемија: кинеската улога на глобален план“, од кои трите најдобри ќе бидат објавени и наградени.

