Работниците во Македонија се стотици илјади километри оддалечени од „Пристојна работа за Пристоен живот“
Бобан Илијевски
Колумна по повод 7 октовмри – Светскиот ден за Пристојна работа
Светскиот ден за пристојна работа е празник на работниците коишто се одбележува секој 7 октомври. Минатата година посветив една колумна за овој празник и тогаш мислев дека за следниот (овогодишниот) Светски ден за пристојната работа ќе пишувам за нешто убаво, позитивно, но со оглед на околностите за жал, нема материјал да се пишуваат убави за работниците и нивните предизвици.
(Не)пристојна работа во Македонија
Економијата на Македонија во изминативе речиси две години доживеа големи турбуленции, особено во делот на пазарот на трудот. Голем број на работници ги изгубија своите работни места. Податоците на Агенцијата за вработување велат дека од како последица од Ковид – 19 досега има 16,615 невработени лица. Се разбира тука влегуваат само оние коишто биле во регуларен работен однос и останале без работа, но не и неформалните работници кои ги има во голем број, особено во секторите како туристичко – угостителскиот (кој доживеа најголема загуба на работници) и градежништвото.
„Со состојба на 31.08.2021 година евидентирани се 16,615 невработени лица по основ на прилив од работен однос за кои престанокот односно одјавата од задолжително социјално осигурување е регистрирана во периодот после 11.03.2020 година, односно во периодот на кризата предизвикана од COVID-19 вирусот“, велат од Агенцијата за вработување.
Да се вратиме на темата – пристојна работа. Во Македонија генерално има мал број на пристојни работни места. Голем број од работодавачите, за жал се голем експлоататори кои им исплаќаат плата под минималната која со новото усогласување во март оваа година изнесува 15,194 денари. На најголемо прекршување на работничките права се соочуваат вработените во текстилниот, кожарскиот и чевларскиот сектор којшто се нископлатени гранки, каде што според Државниот завод за статистика платите изнесувале:
- 17,838 денари во кожарскиот сектор;
- 18,509 денари во производството на облека и
- 22,811 денари во производство на текстил.
Еден од најболните проблеми на овие работници е неисплаќањето на регрес за годишен одмор, попознат како К-15. Здружението на текстилни работници „Гласен Текстилец“ постојано апелира дека во некои текстилни фабрики се исплаќа по 100 денари К-15, а во некои воопшто не се исплаќа. Мал е бројот на фабриките коишто го исплатија во полн износ. Колку за потсетување, минатата година износот на К-15 кој требаше да биде исплатен се движеше од 10,956 до 16,349 денари. Со истиот проблем се соочија и останатите работници, меѓу кои најбројни не оние коишто работат во маркети или помали продавници. Исто така, имаше и работодавачи коишто исплаќале, но од работниците барале да им ги вратат парите назад. Во случај да работниците не се согласиле да ги вратат, им следувало отказ.
Сето ова покажува дека македонските работници се далеку од пристојна работа за пристоен живот. Со минималната плата не може да се преживее месецот, а и постојат статистики коишто покажуваат дека вработените во Македонија се втори во Европа по изложеност на ризик од сиромаштија. Ова најмногу се должи на фактот што голем број на работници или некаде 70 % се приматели на минимална плата која, како и што реков, воопшто не е доволна за да се преживее месецот, со оглед на тоа дека цените растат и се уште ќе растат – се очекува да се зголемат за 50 %, а платите стагнираат. Треба да се нагласи и дека само околу 35 % од вработените во Македонија земаат плата над просечната, што самото по себе кажува дека останатите земаат минимална плата.
Владата не презема ништо конкретно во насока да направи сурова реформа на трудовиот систем. Имаме нов Закон за работни односи којшто за кои се уште се расправа и не се знае кога ќе биде готов. Пратениците не го донесоа законското решение за недела, ден за неделен одмор, иако имаа простор да го направат тоа. Ова исто така кажува дека не се води голема грижа за работничките права. Но, да бидам уште попрецизен, никогаш не се ни водело – 30 години работничките права стагнираат, а луѓето се повеќе се иселуваат.
Синдикалното движење во приватниот сектор, речиси и да е забрането, поради тоа што работодавачите не сакаат работниците да бидат силни, од причина што силата е во колективот, а не во поединецот. Се додека и ова не се смени, нема да има пристојна работа за македонските работници. Ах, и да не заборавам, според Глобалниот индекс на Светската Конфедерација на синдикати за работничките права од 2020 година, во Македонија системски се прекршуваат работничките права, а тоа значи дека самиот систем ги прекршува. Кога не се почитуваат работничките права во јавниот сектор, како би се почитувале во приватниот. Затоа, државата треба да даде пример за тоа што е добар работодавач и тогаш веќе ќе може да се зборува за пристојна работа.
Потребно е да се спомене фактот дека и на работниците боледувањето поради заразување од Ковид – 19 или изолација поради контакт со заразен, не им беше платено 100 %, иако синдикатите бараа ова да се направи. И со ова се покажа дека грижата за работниците е на ниско ниво.
Младите и (не) пристојната работа
Премиерот Зоран Заев пред некој ден на прес – конференција рече дека целта на Владата е младинската невработеност да ја намали од 45 % на 29%, за да до 2024 година се намали на 17 %.
Како ќе го направи ова?
„Од 1 јануари 2022 година државата ќе ги покрие придонесите за секој млад до 29 години кој ќе се вработи за прв пат, а следува и дополнителен стимул за секој месец, за секој нововработен“, рече Премиерот, притоа посочи:
„Истовремено, за оние кои се уште не се подготвени за работа бидејќи сѐ уште не развиле вештини, државата ќе го покрие трошокот на фирмите за да ви дадат пракса. Драги млади, ве повикувам, следете ги можностите кои доаѓаат и на централно и на локално ниво. Можностите се пред вас, државата и општините ги обезбедуваат, останете дома и ангажирајте се“.
Мислам дека многу тешко дека младите ќе го послушаат и дека ќе останат во државата. Возот веќе е тргнат и не може да се сопре. За младите не се важни само платите, туку и другите фактори, како воздухот, еднаквоста пред законите, претставеноста од институциите итн. Има голем број на истражувања од релевантни меѓународни институции и невладини организации кои велат дека голем процент од младите сакаат засекогаш да си заминат од Македонија. Така да какви и стимулации да се обезбедат залудно е. Прво треба да се врати довербата на младите во државниот систем, па потоа да се прават стратегии како да се задржат. Додека тоа не се случи, тие ќе се преселуваат во западна Европа и прекуокеанските земји.

