Раст на цените на горивата во ЕУ: дизелот поскапе до 19,8 отсто
Цените на горивата во Европската унија бележат значителен раст во март, по неколкумесечен пад во повеќето земји членки, покажуваат податоците на Евростат.
Според статистиката, горивото и мазивата за личен транспорт на годишно ниво поскапеле за 12,9 отсто, при што речиси сите земји од ЕУ регистрирале зголемување на цените во споредба со истиот месец лани.
Најголем раст е забележан во Германија со 19,8 отсто, а следуваат Романија (19,6%), Холандија (18,8%), Летонија (18,5%) и Австрија (17,2%).
Од друга страна, пад на цените е забележан во Унгарија и Словенија, каде горивата поевтиниле за 2,7, односно 5,9 отсто на годишно ниво.
Кога станува збор за поединечните деривати, цената на дизелот во ЕУ пораснала за 19,8 отсто на годишно ниво, додека бензинот поскапел за 9,4 отсто. На месечно ниво, дизелот бележи раст од 19,1 отсто, а бензинот од 10,6 отсто.
Најголемо зголемување на цената на дизелот е регистрирано во Чешка и Шведска (27,6%), додека најмал раст има во Словенија (2,9%), како и во Словачка и Унгарија (по околу 7%).
Кај бензинот, највисоки поскапувања се забележани во Белгија (15,1%), Шведска (15%), Австрија (14,8%) и Чешка (14,6%).
Во меѓувреме, дел од земјите преземаат мерки за контрола на цените. Во Словенија, по укинувањето на дел од регулациите во март, цените пораснале, додека во некои случаи биле воведени и ограничувања за точење гориво поради таканаречениот „бензински туризам“.
И покрај растот на цените на европско ниво, во Хрватска владата одлучи привремено да ги намали малопродажните цени на горивата во наредниот период, со цел да го ублажи притисокот врз граѓаните.

