Економија

Светска банка предупредува: Без одржливи и квалитетни работни места, Западен Балкан нема да ги достигне стандардите на ЕУ

Регионалниот извештај на Светската банка алармира дека, доколку се продолжи со сегашните трендови, земјите од Западен Балкан во следните пет години би можеле да се соочат со недостиг од над 190.000 работници, што претставува околу 2,5 проценти од постојната работна сила.

Според извештајот, економиите на Западен Балкан мора да се справат со растечкиот јаз меѓу повисокото ниво на образование на работната сила и пазарот на труд кој сè уште се темели на работни места со пониски квалификации. Тоа, како што се наведува, го забавува приближувањето на регионот кон животниот стандард на Европската унија.

Иако работниците во регионот стануваат сè пообразовани, најголемиот дел од нив и понатаму се вработени во компании со ниска или средна продуктивност, на рутински и мануелни позиции кои носат подпросечни приходи.

За да се надмине овој предизвик и да се зачува економскиот раст, Светската банка препорачува владите во регионот координирано да дејствуваат и да создаваат поквалитетни работни места.

Забавен премин кон економија заснована на знаење

Светската банка предупредува дека преминот кон економија заснована на знаење и вештини во земјите од Западен Балкан се одвива премногу бавно. Се зголемува бројот на високообразовани работници кои работат на позиции што бараат само средно или пониско образование – и тие заработуваат 15 до 30 проценти помалку од своите колеги соодветно вработени според квалификациите.

„Тоа води до загуба на потенцијални приходи на поединците и до неискористен човечки капитал кој би можел да ја забрза конвергенцијата со ЕУ“, стои во извештајот.

Различни трендови по сектори

Во периодот од 2011 до 2022 година, трендовите на вработување по сектори значително се разликувале. Бројот на вработени во земјоделството опаднал во сите земји – најмногу во Србија. Секторот на услуги забележал брз раст низ целиот регион, при што угостителството и туризмот биле клучни двигатели на растот во Косово, Црна Гора и Србија, а бројот на работни места во ИКТ секторот (информациски технологии и комуникации) растел насекаде.

Резултатите во индустријата и градежништвото биле мешани – Македонија, Србија и Босна и Херцеговина забележале раст во секторите со поголема додадена вредност, но пад во трудоинтензивните гранки.

Парадокс на пазарот на труд

Регионалниот пазар се соочува со парадокс – недостиг на работна сила и истовремено висока невработеност, која во 2024 година изнесувала над 10 проценти, со ниска стапка на учество на работната сила под 55 проценти, особено меѓу жените, младите и повозрасните.

Доколку сегашните трендови продолжат, регионот би можел да се соочи со недостиг од над 190.000 работници во следните пет години, освен ако не се зголеми активноста на пазарот на труд или не се забави емиграцијата.

Дополнително, „зелената транзиција“ и развојот на вештачката интелигенција ќе создадат нови притисоци – околу 20 проценти од работниците ќе треба сериозно да се преквалификуваат.

Потреба од зголемена продуктивност

Иако по пандемијата економиите на Западен Балкан закрепнаа побрзо од оние во ЕУ, продуктивноста на трудот и понатаму заостанува, бидејќи растот се базира првенствено на поголем број вработени, а не на поголем учинок по работник. Во иднина, продуктивноста ќе мора да стане клучен двигател на растот, преку премин кон производство засновано на знаење и технологија, што би требало да донесе и раст на платите.

И покрај одреден напредок, најголем дел од земјите на Западен Балкан и понатаму имаат помалку од половина од просечниот доход на ЕУ, а економскиот раст им забавува.

За да се одржи процесот на конвергенција и да се отворат подобри работни места, Светската банка препорачува владите да обезбедат основна инфраструктура за нови работни места, да го зајакнат управувањето и да создадат предвидлива регулаторна средина, како и да мобилизираат приватен капитал за проширување на приватниот сектор.

Според најновите прогнози, растот на економијата на Западен Балкан ќе се успори на 3,0 проценти во 2025 година, по 3,6 проценти во 2024 година, поради сè уште слабата надворешна побарувачка и растечките домашни притисоци во поединечни земји.

Извор: EUpravo zato.rs