„Се додека работниците работат премногу за премала плата и не се насочиме кон унапредување на работните процеси, ќе губиме работна сила“
Се повеќе излегува на виделина она што нашата редакција го пишува месеци наназад – дека поголемиот дел од младите луѓе во Македонија сакаат флексибилно работно време и работа на далечина. Од друга страна, се повеќе земји во светот воведуваат скратено работно време, а четиридневната работна недела станува една од најпопуларните опции.
Бобан Кочовски, познавач на областа на работните односи и човечките ресурси за Работник вели дека македонското трудово право подолго време ги препознава работата на далечина и флексибилното работно време, во дека има простор истите повеќе да бидат доуредени во легислативата согласно европските и светските практики.

Според него, компаниите можат да бидат проактивни и покреативни во организирањето на работните процеси.
За тоа дека младите сакаат флексибилно работно време и работа на далечина, Кочовски вели дека не е нова вест оти младите знаат дека на тој начин можат најдобро да го искористат времето, но и да имаат поголем баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот.
Фактичката состојба на терен, во овој момент, не говори за реална флексибилизација на работните процеси, што поради немањето капацитети и ресурси на голем дел од компаниите, а дел поради немањето визија и реални познавања околу тоа кон што треба да се цели во скора, но и далечна иднина – истакна Кочовски.
При воведувањето на флексибилен работен однос, како што вели, треба да се земе во предвид тоа во кои дејности може да се воведе овој начин на работа.
Доколку земеме хипотетичка ситуација каде што флексибилизација е возможна, тогаш класичното работење „од 8 до 4“ иако има свои бенефити, сепак е застарен метод кој што е мошне крут и не ги носи оптималните резултати и сатисфакција помеѓу работниците. Потенцијално решение (онаму каде што е возможно!) може да се најде помеѓу раководствата на компаниите, секторите за човечки ресурси и сл. коишто треба да направат анализа на своите процеси, но и потребите на своите вработени – вели Кочовски.
Доколку компаниите не се склони кон тоа да се адаптираат на промените кои ги наметнуваат новите времиња и трендови, има голема можност да се соочат со губење на стручниот кадар, смета Кочовски.

Во однос на намалувањето на работното време, Кочовски е дециден дека тоа може да се направи. Сепак, за да се случи тоа, државата и приватниот сектор треба да имаат осет.
Досега, по сите оние средби и контакти коишто ги имам остварено со двете страни, слух за такво нешто нема! Аргументите се различни, дел издржани, дел не, но останува фактот дека оваа промена не би можеле да ја очекуваме во блиска иднина – вели Кочовски.
Според него, работното време може да се намали и без законски промени, односно на база на „добра волја“ на работодавачот „каде што своите вработени ќе ги пријави на 40 работни часа, а реалното работно време ќе биде 30 или помалку работни часови неделно“.
Факт е дека работниците ја немаат истата ефикасност и посветеност во сите 8 работни часа дневно, туку дека оптималното работење се граничи некаде на околу 6 часа во текот на денот, па се поставува прашањето – зошто да не се фокусираме на квалитет, наместо на квантитет? – истакна тој и додаде дека се додека постои менталитетот на експлоатација на работната сила, а со тоа вработените се прават повеќе незадоволни, ќе заминуваат во земјите низ светот каде што ќе добијат флексибилност на работното време, правични плати, но и достоинствен третман.
Неговото лично размислување е дека во многу фирми постои брутална експлоатација на работниците, бидејќи тие се изложени на премногу работа за премала плата.
Таму еден вработен извршува работни задачи кои реално треба да бидат извршувани од повеќе лица за плата којашто е несразмерна за сработеното – појаснува Кочовски.
Разбирливо е фирмите да работат за што е можно поголем профит, но тој во ниеден случај не би требало и не би смеело да се печали на грбот на работникот, додаде тој.
Работник испрати и прашања до Министерството за труд и социјална политика за тоа што се прави во насока за да се овозможат флекибилни работни процеси и што е доуредено во новиот Закон за работните односи во контекст на работата на далечина и флексибилноста, како и за тоа дали МТСП може да предложи намалување на работното време, но не добивме одговор до објавувањето на статијата.

