Се одржува штрајкот во подрачните единици на Фондот за здравство
Бобан Илијевски
Денеска во подрачните едници низ државата на Фондот за здравствено осигурување се одвива еднодневниот штрајк, организиран од страна на синдикалната организација на Фонд за здравствено осигурување при САДУ.
Според Претседателката на синдикалната организација, Марија Митревска штрајкот е организиран поради невклучувањето на синдикатот во колективниот договор и покрај тоа што има репрезентативност во институцијата и поради селективното покачување на платите за кое таа смета дека е дискриминирачко, незаконски и неуставно.
Таа посочи дека Извршниот одбор на синдикалната организација бара зголемување на платите за 16 проценти, согласно покачувањето на минималната плата за сите вработени.
Митревска истакна дека вработените се на своите работни места, но не ги извршуваат своите работни задачи, освен во итни, животно – загрозувачки ситуации.
Порталот Работник стапи во контакт со неколку подрачни единици, меѓу кои беа Свети Николе, каде што според тамошниот извор, штрајкот се одвива без пречки, притоа вработените ги извршуваат само итните задачи и Кичево, каде што исто нема пречки при одвивањето на штрајкот.
Нашиот извор од Пробиштип ни рече дека кај нив имало притисоци, со тоа што на оние вработени кои што не се членови на синдикатот, а се солидализирале со штрајкот, им било речено да не штрајкуваат, поради тоа што не се членови, но сепак тие дале поддршка на еднодневниот штрајк.

