ЕкономијаМакедонија

„Сиромашните Словенци, во Македонија БИ БИЛЕ СРЕДНА КЛАСА“

Сиромашните Словенци кога би живееле во Македонија би биле средна класа. Тоа го покажува споредбата на стапката на сиромаштија во регионот.  Во Македонија, Србија и Црна Гора, стапката на сиромаштија во однос на вкупното население се движи околу 21%, додека пониски стапки, очекувано, имаат Словенија и Хрватска.

Но, причините за ова се во приходите со кои располагаат жителите во една земја, па износот што статистичарите го пресметуваат како праг на сиромаштија е различен од земја во земја, а во Македонија е убедливо најнизок. Така, со парите на сиромашниот Словенец, Македонецот би бил солидна средна класа. Имено, во Словенија долниот праг на сиромаштија за едночлено семејство е 8.864 евра на годишно ниво (738 евра месечно) , за разлика кај нас, каде што е 1.800 евра годишно (150 евра месечно).

Овие статистички анализи не ја покажуваат апсолутната сиромаштија, туку ја покажуваат релативната – која покажува колку луѓе во својата земја не можат да се хранат како што треба, не можат да си дозволат соодветно образование, лекување…

Прагот на релативната  сиромаштија се смета 60 отсто од таканаречениот еквивалентен медијален приход.  Бидејќи во секоја земја има различни приходи, се добива и различна медијална вредност, која е праг на сиромаштија.

Државниот завод за статистика објави дека стапката на сиромаштија во Македонија е 21,8 проценти, односно дека под прагот на сиромаштија живеат 451.900 жители.

Македонија, во однос на сите земји во регионот,  има најмногу сиромашни вработени, а најмалку сиромашни пензионери.

Македонија е земја која се уште е на опашката по висина на просечни плати во регионот. За разлика од значајните разлики во износите што се утврдени како праг на сиромаштијата во Македонија, Србија и Црна Гора, меѓу овие земји нема такви драматични разлики во просечните пензии.

Пари