СКАНДАЛ ВО АВСТРИЈА: 20 години ја „оживувал“ починатата сопруга за да зема пензија – државата оштетена за 270.000 евра!
Австрискиот министер за внатрешни работи, Герхард Карнер, неодамна одржа работен состанок на кој беа презентирани алармантните резултати од борбата против социјалните измами. Податоците покажуваат дека бројот на ваквите кривични дела од 2016 година до денес е речиси четирикратно зголемен. На состанокот присуствуваа и високи претставници на безбедносните служби, меѓу кои Франц Руф, генерален директор за јавна безбедност, и Андреас Холцер, директор на „Бундескриминаламт“.
Измама што траела две децении
Еден од најдрастичните случаи што беше обелоденет се однесува на државјанин на Босна и Херцеговина, кој со децении ја изигрувал австриската држава. Мажот, кој во Австрија живеел од 1996 година, успеал да ја „одржи во живот“ својата сопруга на хартија дури 20 години по нејзината смрт.
Иако сопругата починала уште во 2006 година, тој продолжил да ја подигнува нејзината пензија, приложувајќи фалсификувани потврди за живот. На сметката на починатата секој месец пристигнувале околу 1.500 евра, што резултирало со вкупна штета за австрискиот буџет од околу 270.000 евра.
Откриен дури по 20 години, но нема да одговара
Измамата беше разоткриена дури во 2026 година, кога Заводот за пензиско осигурување (PVA) се посомневал во документацијата и поднел пријава. Полицијата веднаш ја блокираше сметката, при што успеа да поврати околу 57.000 евра, но поголемиот дел од парите веќе биле неповратно потрошени.
Истрагата покажала дека осомничениот долго време успешно ги мамел институциите користејќи ја здравствената картичка на покојната сопруга и фалсификувајќи ги потребните документи. Сепак, овој случај нема да добие судска разрешница – осомничениот во меѓувреме починал, па постапката е стопирана.
Алармантен пораст на социјалните измами
Овој случај е само еден во низата што ја потврдува сериозноста на проблемот со социјалните измами во Австрија. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, бројот на ваквите злоупотреби е во постојан пораст.
Сепак, формирањето на специјалната работна група „SOLBE“ дава резултати. Благодарение на интензивната соработка меѓу институциите, досега е откриена и спречена штета во вкупен износ од околу 158 милиони евра. Надлежните најавуваат уште построги контроли на системот за социјални давачки, со цел да се спречат идни манипулации од ваков обем.
Извор: Телеграф Бизнис / Независни

