ССКЦ со официјално барање до Филипче и Комисијата за заразни болести за изземање на здравствените работници од гласачките места
Докторите и медицинските сестри од Синдикатот на Клинички центар денеска со писмо до здравствените власти побараа да се најде решение за колективно изземање на здравствените работници од избирачките одбори на претстојните избори.
Претседателот на синдикатот д-р Горан Беговиќ вели дека со индивудалните претставки до Државната изборна комисија би се изгубило многу време. Додава дека е недозволиво лекарите во време на корона пандемија да имаат и изборни ангажмани.
„Надлежните институции треба брзо и адекватно да го направат тоа. За тоа најдоговорни тела во овој момент е министерот за здравство и Комисијата за заразни болести – да побараат од ДИК да ги изземе овие вработени од јавните здравствени установи и истите да се заменат со вработени од друга администрација,“ изјави д-р Горан Беговиќ, претседател на ССКЦ .
Дел од здравствените работници деновиве бурно реагираа на социјалните мрежи. Раководителот на Интензивна нега Нико Беќаровски на „Фејсбук“ напиша дека во овие моменти местото на докторите не им е пред гласачките кутии – туку покрај болничките кревети.
Дека има начин како да се реши овој проблем спомена и министерот Филипче.
„Во разговорот со претставниците на ДИК ни рекоа дека бројот на барања за изземање е многу сличен на сите претходни изборни циклуси. Мислам дека овој проблем којшто, прво, не е така голем но ако се наметне – може да се изменаџира и со овој систем на ротација и лекарите да бидат ослободени ако треба“, истакна Венко Филипче .
И покрај ваквото барање на Синдикатот, првиот човек на ДИК Оливер Деркоски за Канал 5 вели – законот е јасен и дозволува изземање само со поединечни документи и потпис од претпоставен на работникот кои се доставуваат до општинските изборни комисии.
Извор: Канал5

