СветСветот на работникот

СТЕГНУВАЊЕ НА КАИШОТ: „Луфтханза“ ги запира вработувањата и ги забранува службените патувања

Управата на германската авиогрупација „Луфтханза“ (Lufthansa Group) нареди итно замрзнување на вработувањата во големи делови од администрацијата, како дел од новиот план за драстично кратење на трошоците.

Овие мерки ќе се применуваат во речиси сите поддржуници на групацијата, вклучувајќи ги Austrian Airlines, Brussels Airlines, Edelweiss, Lufthansa и Swiss.

Стоп за нови вработувања во администрацијата

Според новите правила, ангажирањето надворешни соработници во неоперативните сектори повеќе не е дозволено. Празните работни места кои веќе постојат ќе можат да се пополнат исклучиво со посебно одобрение од највисокиот менаџмент, пренесува „Avio Press“.

Компанијата јасно стави до знаење дека во претстојниот период нема да се отвораат никакви нови работни позиции, фокусирајќи се на максимална ефикасност со постоечкиот кадар.

Драстични ограничувања за службените патувања

Покрај кадровските промени, „Луфтханза“ воведува и строг режим за деловните патувања на своите вработени:

  • Кратка линија: Летовите на кратки релации се дозволени само доколку задачата може да се заврши во еден ден, односно без потреба од ноќевање.
  • Долга линија: Летовите на долги релации за состаноци се практично забранети. Секое евентуално отстапување од ова правило мора лично да биде одобрено од Извршниот одбор на Групацијата.
  • Виртуелни состаноци: Наместо физичко присуство, компанијата планира целосно да се префрли на дигитални платформи и виртуелни состаноци за внатрешна комуникација.

Овие радикални потези доаѓаат во време кога авиоиндустријата се соочува со зголемени оперативни трошоци и потреба од реструктурирање за да се задржи профитабилноста на глобалниот пазар.

Извор: б92.нет