Студија спроведена на 20 милиони луѓе: Што ќе ви помогне полесно да најдете работа?
Најновата студија укажува дека иако во процесот на барање на работа први на памет би ви паднале вашите пријатели, постои една друга група на луѓе кои треба да ги контактирате за да ги зголемите вашите шанси за да најдете работа.
При барањето на нова работа, многумина од нас го „дотеруваат“ своето CV и LinkedIn профилот, ги контактираат најблиските пријатели и ги известуваат да им се јават ако дознаат за некој конкурс, меѓутоа, науката сега решила да даде одговор на вечната дилема – „Кој е најефикасниот начин да најдеме работа?“. Истражувањето објавено во списанието Science, кое е спроведено на 20 милиони луѓе, укажува дека треба да побарате помош од одредена група на луѓе.
Силата на врските
Американскиот социолог Марк Грановетер уште во 1973 година ја сковал фразата „силата на послабите врски“ во контекст на општествените контакти, и тврдел дека што повеќе врските помеѓу две лица се јаки, толку повеќе нивните мрежи на пријателства ќе се преклопуваат. Едноставно кажано, најверојатно ги познавате сите пријатели на блискиот пријател, но малку од неговите познаници. Поради тоа истражувачи од LinkedIn и од бизнис школата на Харвард, Стенфорд и ЕМ-АЈ-ТИ (МИТ) решиле да прибават и емпириски докази за тоа како слабите врски влијаат на пронаоѓањето на работа.
Нивното истражување се базирало на напорите на инженерите од LinkedIn да го тестираат и подобрат алгоритамот за препораките на платформата, „Луѓето кои можеби ги познавате“. Ги тестирале и ефектите на стимулирање на формирање на силни врски – препорака да ги додадете своите блиски пријатели, во однос на слабите врски – препорака за познаник и пријател на пријателот. Истражувачите потоа ги следеле учесниците кои партиципирале во тестот со цел да утврдат дали разликата во „јачината“ на контактите влијаела на резултатите за вработување.
За потребите на студијата користена е причинско-последична анализа за да се предвидат едноставните корелации и да се формира врска со работодавачите. На крајот воочиле дека механизмот за препораки значајно го обликува формирањето на врските, како и дека експериментот дава докази дека умерено слабите врски се поефикасни од силните врски во пронаоѓањето на потенцијален работодавач, но и дека силата на слабите врски варира во зависност од индустријата – во дигиталната нивната сила е најголема.
Заклучокот е дека резултатите сугерираат дека теоријата на Грановетер е применлива и на пазарот на труд, бидејќи врските кои најмногу помагаат при барањето на работа се познаниците – луѓето кои ги сретнувате во професионално опкружување или пријатели на пријатели, а не вашите најблиски пријатели. Експертите овие препораки во иднина ќе ги применуваат и на алгоритмите, како и на мрежите на кои луѓето бараат работа за да бидат поефикасни и од поголема помош на корисниците.
Извор: Bankar.me
Фото: Freepik

