Сè повеќе луѓе работат и по 66-та година: Истражување открива кои два фактори се клучни
„Постарите веќе делумно го ублажуваат недостигот од стручна работна сила. Треба поинтензивно да се работи на тоа повеќе луѓе да останат на пазарот на трудот и по достигнување на старосната граница“, се наведува во новото истражување на Германскиот институт за економски истражувања (DIW).
Сè поголем број Германци продолжуваат да работат и по заминување во пензија. Според студијата објавена во средата, „едно од 15 лица постари од 66 години сè уште е во работен однос“.
Кај мажите овој удел е уште поголем – речиси 10 проценти, додека кај жените изнесува околу пет проценти.
Добро здравје и образование – главните причини
Истражувањето покажува дека најважни фактори за продолжено работење по пензионирање се доброто здравје и степенот на образование.
Во групата од 66 до 69 години, петина од луѓето кои го опишуваат своето здравје како добро или многу добро и понатаму работат.
Значаен фактор е и професијата. Особено голем удел на постари работници – 37,4 проценти – има меѓу самовработените.
„Постарите веќе делумно го ублажуваат проблемот со недостиг на стручна работна сила“, вели Петер Хан од DIW, додавајќи дека е потребно да се создадат дополнителни услови за луѓето да останат подолго активни.
Како мерки се предлагаат:
- програми за зачувување на здравјето,
- можности за дообука и усовршување во повозрасни години,
- реформи на даночниот и социјалниот систем.
Истражувањето се темели на анализирани податоци од микропописот од 2022 година.
Стручњаците: Време е пензиската граница да се зголеми на 73 години
Германските експерти сè почесто предлагаат границата за пензионирање да се зголеми и до 73 години. Како што се наведува, стареењето на населението и слабата економија не оставаат многу други опции.
Според извештајот на Советот на научни советници при Министерството за финансии (SAG), зголемувањето на границата од сегашните 65 години би ја поставило Германија меѓу земјите со највисока старосна граница за пензионирање во Европа. Со тоа, Германија би ја надминала и Данска, која до 2040 година планира граница од 70 години.
Во документот, чии делови објави „Билд“, се наведува:
„Ќе мора да работиме повеќе ако сакаме да го задржиме обемот на социјалниот систем, без да оставиме уште поголем товар за идните генерации. Старосната граница мора да се поврзе со очекуваниот животен век“.
Дополнително се посочува дека германската економија со години стагнира, за разлика од други споредливи економии кои растат многу подинамично.
Реакции: Огорченост меѓу работниците
Веста предизвика силни реакции кај германските работници, кои и претходно беа мета на критики од канцеларот Мерц дека „не работат доволно“.
„Мораме да работиме повеќе и пред сè поефикасно. Со четиридневна работна недела и приказни за баланс помеѓу работа и живот, нема да може да се одржи благосостојбата на земјата“, изјави Мерц.
Сепак, анкетите покажуваат дека голем дел од работниците би работеле подолго – но само ако тоа е доброволно, а не наметнато.
Извор: Eupravo Zato

