Колумни

Тезата „Продуктивноста мора да се зголеми, за да растат платите“ резултира со недостиг на работници

На Македонија и’ недостасуваат над 10.000 работници. Очекувано, со оглед на тоа колку луѓе заминаа да работат надвор или се на сезонска работа во државите од регионот.

Најголем е недостигот во Преработувачката индустрија, во која спаѓаат текстилната и чевларската дејност. Според податоците на Државниот завод за статистика, во овој сектор недостигаат 2.262 работници. Ова се надоврзува со изјавите на сопствениците на текстилни фабрики за тоа дека им се заканува затворање. Можеби не во брзо време, но доколку продолжи тенденцијата на намалување на работната сила, постојат големи шанси тоа да се случи во блиска иднина.

Младите не сакаат да работат во текстилната и чевларската индустрија, а тоа, според мене се должи на овие две причини:

  1. Ниските плати (просечната нето плата во јуни, во Преработувачката индустрија изнесувала 40.318 денари, но во текстилниот и чевларскиот сектор е пониска) и
  2. Овие сектори се трудоинтензивни и изикуваат голем напор, па земајќи ја предвид првата причина, младите не сакаат ем да работат напорно, ем да земаат мала плата за сработеното.

Можеби некој ќе рече дека се мрзи и дека не сакаат да работат. Но јас лично не се согласувам со тоа. Напротив, младите се далеку поагилни и поработливи од претходните генерации, особено од генерациите чиј работен век се одвивал во поранешна Југославија. Не велам дека тогаш луѓето биле неработници, но социјализмот, за разлика од капитализмот е сосема друга ѕверка која изискува многу повеќе труд. Факт е дека тогаш вработените биле многу повеќе заштитени, за разлика од сега, кога сигурноста на многу работници е ставена под знак прашалник.

Колку и да анализираме, повторно доаѓаме до истиот заклучок. Платите мора да растат, ако сакаме овој недостиг да се намали. Но, мора и доследно да се применуваат законите од трудовата легислатива и колективните договори.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.