ЕкономијаМакедонијаНовости

ФИТР и МАСИТ со нова соработка за имплементација на иновативни решенија во ИКТ секторот

   Време за читање 2 минути

Фондот за иновации и технолошки развој и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) потпишаа Меморандум за соработка со цел поголема имплементација на иновативни и технолошки решенија  во ИКТ секторот и забрзан развој на ИКТ стопанството.

Меѓусебната соработка ќе вклучува и развој на слободно претприемништво и поттикнување на конкуренција во ИКТ секторот, координирање на истражувања, развој на техничко-технолошките достигнувања како и организирање на стручно оспособување, преквалификација и доквалификација на стручни кадри, соопшти денеска ФИТР.

-МАСИТ се наши долгогодишни партнери и верувам дека со новите активности најмногу ќе им помогнеме на младите и талентирани ИТ инженери на кои ќе им овозможиме подобри услови нивните идеи и услуги да ги развијат во нашата држава, а да бидат конкурентни глобално. ИКТ индустријата како една од најбрзорастечките e клучен двигател за развој на економијата и претставува важен извор на иновации. За ова зборува и фактот дека најголем процент од поддржаните проекти од страна на ФИТР се од областа на оваа индустрија, односно 30 проценти (160) се ИКТ компании. Со финасиска поддршка од ФИТР од една страна и МАСИТ како најдобар познавач на нивните интереси од друга страна, убеден сум дека ќе придонесеме за подинамичен и одржлив ИКТ сектор, изјави Коста Петров, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Дополнително, планираните активности ќе имаат позитивен придонес за долгорочен раст на развојот на националната економија, трансфер на знаења и зголемување на вработеноста.

-За МАСИТ овој Меморандум претставува официјализирање на досегашната успешна соработка со ФИТР како и можност за нејзино продлабочување. Во периодот кој ни претстои, очекуваме заеднички значително да придонесеме во поттикнување на иновациската дејност и технолошкиот развој во доменот на ИКТ секторот,  и да ги поддржиме процесите за дигитална трансформација, како и економскиот развој воопшто, изјави Анета Антова Пешева, претседателка на УО на МАСИТ.

Во наредниот период планирани се и информативни настани за потенцијалните апликанти на јавните повици на Фондот за иновации и технолошки развој.