Форд гаси уште 1.000 работни места во Келн
Американскиот производител на автомобили Форд соопшти дека ќе укине дополнителни 1.000 работни места во својата фабрика во Келн, Германија, поради тоа што продажбата на електрични возила не ги исполнила очекувањата.
Од јануари 2026 година, фабриката ќе премине од досегашниот двосменски на едносменски режим на работа.
Реструктурирањето започна уште во 2024 година и предвидуваше укинување на 2.900 работни места во Германија до крајот на 2027 година, со понуда на отпремнини и модели за предвремено пензионирање. Со најновата одлука, бројката е зголемена за уште 1.000 лица.
Доколку планот се реализира, Форд ќе има околу 7.600 вработени во Келн – трипати помалку отколку кон крајот на претходната деценија, пренесува Tageschau.
Синдикатот IG Metall оцени дека фабриката во Келн претрпела „уште еден тежок удар“. Претставниците на вработените предупредуваат дека намалувањето на производството и преминот на едносменско работење покажува дека менаџментот на американската компанија нема јасна стратегија за европскиот пазар.
Форд во 2023 година целосно ја трансформираше фабриката во Келн во погон за производство на електрични возила, вложувајќи речиси две милијарди евра. Но, продажбата на електричните модели се одвива значително побавно од очекуваното.
Според податоците на германскиот Сојузен завод за моторни возила (KBA), од јануари до август 2025 година во Германија биле регистрирани околу 74.000 нови патнички автомобили на Форд, од кои само 20.000 електрични.
Компанијата при инвестирањето сметала дека електричните возила ќе сочинуваат 35 отсто од пазарот во 2025 година, но реалниот удел изнесува само 18 отсто.
Токму таа разлика ја натера американската компанија повторно да го зголеми обемот на заштедите и да го намали бројот на работници во Европа.
Извор: b92.net

