Правда

Царовска на Дигитален самит за Западен Балкан: Учењето на далечина е успешен одговор на предизвиците од пандемијата

   Време за читање 3 минути

Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование продолжуваат да инвестираат во подобрување на дигиталните вештини и компетенции за да може секое девојче и момче да добие еднакви шанси за квалитетно образование, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во обраќањето на третиот Дигитален самит за Западен Балкан во Тирана (Албанија), којшто поради пандемијата се одржува онлајн.

„Пандемијата донесе дополнителни предизвици во организирањето на учење на далечина, нагласувајќи ја потребата за понатамошна и побрза дигитализација на училиштата и образовниот процес. Aко не инвестираме во дигитализацијата, затворањето на училиштата може да резултира со огромна загуба во развојот на човечки капитал и да донесе долгорочни економски и социјални импликации.  Затоа, иако кризата е силен стрес-тест за образовните системи, таа е исто така и можност за брзо прилагодување и развивање на образование во чекор со современите трендови. Во Северна Македонија успешно се реализира учење на далечина и 88 проценти од учениците без проблеми следат онлајн настава“, рече Царовска.

Со цел да се обезбеди развој на дигиталните вештини потребни во 21 век и дигитална трансформација, во Република Северна Македонија, креирани се неколку политики, како што е воведувањето на задолжително учење информатика во основното образование во шесто и седмо одделение и во осмо и деветто одделение како изборен предмет. Царовска истакна дека за поддршка на дигиталните вештини во нашата земја, се реализира програмата Училишта на 21 век, со поддршка на Британскиот совет.

Програмата се спроведува регионално и учениците на возраст од 10 до 15 години од Западен Балкан стекнуваат вештини за критичко размислување, решавање проблеми и кодирање. Тоа им овозможува на учениците да развијат клучни вештини за размислување и решавање проблеми на забавен, интерактивен и иновативен начин, и тие имаат можност да ги применат овие вештини во пракса.

Mинистерството за образование и наука и Бирото за развој на образование следејќи го новиот дигитален акционен план на ЕУ, подготвуваат нови наставни планови и програми кои ќе обезбедат дигитално образование со високи перформанси, преку високо квалитетни содржини, подобрување на инфраструктурата како и на вештините и компетенциите на наставниците.

Третиот дигитален Самит кој се одржува во рамките на Берлинскиот процес е насочен кон регионалната соработка и размена на искуство за дигитална трансформација на највисоко ниво. Дигиталниот самит WB6 има за цел да ги прикаже добрите практики на Западен Балкан, да ги потенцира достигнувањата и резултатите од дигиталната агенда и да ги истражи можностите за градење партнерства со приватниот сектор, во контекст на процесот на дигитална трансформација.

Самитот ја промовира дигиталната перспектива на Западен Балкан во контекст на интеграцијата во ЕУ, истовремено трасирајќи ја Дигиталната агенда, со цел да се даде приоритет на клучните цели за регионот.