Што е потребно за да се отворат нови работни места со високи примања?
Бобан Илијевски
Сите сакаме да има нови работни места, каде што ќе има и поголеми примања, но за да се отворат тие потребни се стратегии коишто ќе го овозможат нивното креирање и реализирање.
На Македонија и се потребни правилни и одржливи политики за креирање на работни места. Но има многу пречки кои треба да се отстранат за да може да се создадат работни места. Потребно е да се работи на намалување на корупцијата, сивата економија, како и измена на даночната регулатива. Од друга страна пак потребно е и вложување во јавни инвестиции, како и да се обезбеди владеење на правото. Ова се неколкуте клучни поенти од изјавите на бизнис секторот и експертската јавноста подолу во текстот.
Пречка за креирањето на нови работни места е тоа што државата е најголемиот работодавач.
Намалување на даночниот товар (данокот на личен доход и социјалните придонеси)
Членот на Управниот одбор на Сојузот на стопански комори Благоја Грозданов, во изјава за порталот Работник, во однос на тоа какви политики се потребни за креирање на нови работни места објаснува дека пазарот на труд во Македонија има фундаментални проблеми кои почнуваат од недостатоците во образовниот систем и неуспехот на истиот да ги подготви и да ги „наоружа“ младите со потребните знаења и вештини за да бидат конкурентни.
Според него, ситуацијата ја влошува и постоењето на т.н. „јаз во очекувањата“, кога младите кадри се соочуваат со суровата реалност на пазарот. Потенцираше дека крајно неповолна околност е и тоа што државата кај нас се уште се јавува како огромен работодавач, нагласувајќи дека општо присутен е впечатокот дека нашите административци се неефикасни и непродуктивни.
„Парадоксално е што во одредени институции имаа превработеност и се отвараат непотребни работни места, а во други недостигаат луѓе со реални вештини и знаења на клучни позиции. Ова се прашања кои мора да се адресираат во најкус рок“, вели Грозданов.
Тој вели дека конкретна мерка која Владата би можела да ја преземе во насока на помагање на приватниот сектор е намалување на даночниот товар, особено кога се однесува за нови вработувања на млади лица до 30 години, при прво вработување, вработувања на преквалификувани лица и сл.
„Вкупниот даночен товар (данок на личен доход и социјални придонеси) кои работодавачите го преземаат врз себе е грубо 50% од нето платата на вработените лица. Ова создава огромен трошок за стопанството и го кочи растот и развојот на компаниите како основен двигател на економијата а со тоа и го успорува креирањето на нови работни места“, посочи Грозданов.
Смета дека досега никој не покажал интерес да се занимава со стапките на придонесите кај нас, иако нивното намалување е од најголемо значење за приватниот сектор.
Грозданов, како и повеќе поединци од бизнис секторот, подвлекува дека можеби еден од најголемите проблеми на пазарот на трудот во Македонија е ниската продуктивност на трудот, при што оценува дека ова може да се коригира само со креирање на долгорочни стратегии за поттикнување на инвестирањето во нови технологии, суштински корекции во програмите на образовните институции и зголемување на флексибилноста на пазарот на трудот.
Креирањето на поволна бизнис клима која би водела кон раст и развој и отворање на нови работни места, како што вели, подразбира системска борба против сивата економија, воспоставување на фер услови за водење бизнис, намалување на парафискалните давачки, борба против корупцијата во државниот апарат и поттикнување на самовработувањата и иновативноста.
Грозданов истакна дека е потребна и ревизија на Законот за работните односно во насока на осигурување на поголема флексибилност на сите чинители на пазарот, како и ревизија на даночната регулатива со цел намалување на даночниот товар на работодавачите, пред се предизвикан од висината на придонесите.
Тој нагласува дека во голем број на професии, пред се во секторите транспорт и градежништво, проблемот се јавува на другата страна од пазарот, во делот на понудата.
„Овие сектори, но доста други имаат голема потреба за квалитетна работна сила, но има се помалку професионалци кои се занимаваат со овие професии во Македонија. Ова води кон тоа дел од компаниите во овие сектори да мора да прифатат да вработат неквалификуван кадар но и кон пораст на цените на услугите на пазарот на труд“, заклучува Грозданов.
На годишно ниво, Македонија пропушта можност да креира 5,600 работни места
Поради ниските јавни инвестиции, на годишно ниво се пропушта можност да се отворат илјадници работни места. Ова неодамна во фејсбук статус го напиша Универзитетскиот професор по економија на Универзитетот Гоце Делчев – Штип, Дарко Лазаров.
Тој во статусот се повикува на најновата студија на Меѓународниот монетарен фонд за влијанието на јавните инвестиции во стимулирањето на нови работни места која, како што вели, укажува дека фискалниот мултипликатор е навистина голем, особено во помалку развиените земји. Наведува дека согласно резултатите од анализата, 1 милион евра инвестиции во инфраструктурата стимулираат во просек околу 40 вработени.
„Ако го аплицираме ова сознание на случајот на Македонија ќе видиме дека годишно се пропушта можноста да бидат креирани и поддржани илјадници работни места поради ниската реализација на јавни инвестиции“, вели Проф. Д-р. Дарко Лазаров.
Според него, потврда на ова е фактот што во изминатите четири години, сегашната Влада има просечна реализација на капитални инвестиции од 6,5 % од централниот буџет, што е за 3.5 процентни поени помалку споредено со периодот претходно.
„Овие 3.5 процентни поени од буџетот во апсолутен износ се околу 140 милиони ерва годишно (3.5% x 4 милијарди евра = 140 милиони евра)“, објаснува Лазаров.
Тој вели дека ако се аплицираат резултатите од студијата на ММФ може да заклучиме дека годишно со помалата реализација на капиталните инвестиции се пропушта можноста за креирање на 5,600 работни места во економијата (140 х 40 = 5.600).
„Дополнително, да не заборавиме дека капиталните инвестиции го подобруваат животниот стандард на граѓаните и условите за водење бизнис на приватниот сектор, и истовремено го зајакнуваат капацитетот на економијата за создавање на дополнителна додадена вредност во иднина“, вели тој.
Оттука, вели, може да се заклучи дека економските политики на оваа Влада кои форсираат јавна потрошувачка наместо јавни инвестиции, допрва ќе се рефлектираат негативно врз идниот капацитет на економијата за повисоки стапки на раст, особено што овие политики беа проследени со значаен раст на јавниот долг, што уште повеќе ќе го ограничи фискалниот простор за поттикнување на економскиот раст на земјата во наредниот период.
Институционален поредок кој гарантира владеење на правото
Универзитетскиот професор Марјан Петрески, во интервју за порталот Работник, во однос на тоа какви политики се потребни за креирање на работни места рече дека секоја политика која поддржува креирање на нова додадена вредност во економијата е одржлива политика за креирање на работни места.
„Ние сме мала економија, која нема особени природни и финансиски ресурси, не може особено да се натпреварува со технологија, па останува во креирањето на нова вредност да ги искористиме нашите мозоци. За тоа ни треба добар образовен систем, систем кој поддржува таленти, иноватори, и воопшто институционален поредок кој гарантира владеење на правото“, вели Петрески.
Според него, со ваков сетинг може да се креира нова вредност главно ако се успее на светот да му се продаде нешто скапо – производ кој е со голема додадена вредност.
На тој начин, како што вели, ќе креираме нови работни места со добри примања.
„Еднаш заглавивме во дебати за прераспределба на вредноста која сега ја создаваме (преку системот на даноци), што концептуално мислам дека е промашена дебата, бидејќи таа вредност не е доволно голема, па примарната дебата е како да ја зголемиме, а откако ќе биде доволно голема, тек тогаш ќе биде корисно и да разговараме за начинот на нејзината секундарна прераспределба“, вели Петрески.
Фото: Unsplash

