Што навистина значи да сме среќни на работното место? – Нерафиниран разговор со Ивана Лекиќ, Инструктор за професионален и личен развој
Интервју со Ивана Лекиќ, инструктор за професионален и личен развој. Со Ивана разговараме на повеќе теми, а голем акцент ставаме и на среќата на вработените на работните места.
Во Македонија немаме точни податоци за тоа колку луѓето се несреќни на работните места, но факт е дека ги има. Која според Вас е најголемата причина за тоа?
Очекувањата.
„Работи нешто што сакаш и нема да работиш ниту еден ден во животот“ создава очекување дека работата треба да ни биде лесна, пријатна и постојано исполнувачка. Се наметна и верување дека работата ни е втор дом, место каде што ќе се пронајдеме, ќе се реализираме во целост како човечки битија и ќе ја најдеме суштината на нашето постоење. Тоа се премногу лични и длабоки потреби за да ги натовариме како обврска на едно работно место.
Во суштина, работното место е размена, твоите вештини и време, кои во моментот се потребни на пазарот, во замена за пари со кои го финансираш своето секојдневие.
Ако ја тргнеме идејата за среќа во работата, добро е да се каже што навистина треба да бараме како минимум. Фер надомест, соодветен на обемот на работа и доволен за достоинствен живот, култура на почит, јасна структура и можност за развој.
Кога овие основи не се исполнети, незадоволството со тек на време прераснува во фрустрација, а потоа и во апатија или револт. Тоа е момент за редефинирање и промена. Ако постојат можности, веднаш промена на работно место. Во спротивно, работа на излезна стратегија, додека не се создадат услови за таа промена. Во секој случај, останување засекогаш во средина од која ти се враќаат нозете, веќе не е опција.
Која е професионалната биографија на Ивана Лекиќ?
Како дете, покрај првите љубови, математиката и уметноста, ме привлекуваше и разбирањето на човечкото функционирање, особено мотивите што стојат зад одлуките и однесувањето. Дури и низ средното образование бев убедена дека ќе продолжам во насока на психологија. Но, во последен момент, прагматичната страна преовлада и се запишав на Економски факултет.
Со мал исклучок од две години работа во УЈП, поголемиот дел од мојата кариера го поминав во корпоративна средина. Таму се развивав до лидерски функции во областа на даночното советување, а подоцна и во финансии, сметководство и деловно управување. Работев на сложени деловни процеси, анализи и донесување одлуки и водев тимови во динамична средина, често под значителен притисок. Тоа искуство ми даде јасна слика за тоа како функционираат организациите, но и како луѓето функционираат во нив.
Иако економијата допира многу бихејвиористички аспекти, во еден момент почувствував дека сакам мојот придонес да излезе надвор од рамките на анализи, бројки и дефинирани системи. Сфатив дека вистинското влијание и најважно помош, ги гледам во директна работа со луѓе.
Така природно преминав во она што го работам денес, инструктор за професионален и личен развој. Тука го комбинирам моето практично искуство од бизнис средината со алатки и методологии на применета психологија и можам да кажам дека навистина уживам.
Вашата моменталната титула гласи инструктор за професионален и личен развој. Што се подразбира под овој термин?
Терминот инструктор за професионален и личен развој за мене значи директна и практична работа со луѓе на нивниот начин на размислување, однесување и носење одлуки. Силно верувам во индивидуализмот, па процесот секогаш го структурирам околу специфичните потреби, контекст, можности и вештини на клиентот. Нема унифицирана програма, затоа што нема ни двајца исти луѓе.
Работам во рамки на стратешка интервенција, пристап кој подразбира активна вклученост од моја страна, а не само разговор и поддршка.
Во пракса, тоа значи дека не остануваме само на разбирање на проблемот, туку работиме на тоа што конкретно ќе се промени и како. Процесот има структура, јасни насоки и бара одговорност, затоа што без тоа промената најчесто останува само идеја.
Често ја користам метафората споредувајќи се себе си со помошни тркала за велосипед, присутна сум додека клиентот не изгради доволна сигурност самостојно да продолжи да „вози“. Целта е човекот да стане свесен за своите избори, да ја користи сопствената слобода на одлучување и да преземе одговорност за тоа како го креира својот живот.
Пред ова интервју ми кажавте дека Вашиот пристап на работа е нерафиниран. Што значи тоа?
Терминот „нерафиниран“ првично го искористив за мојот LinkedIn newsletter – ЛекичКа Нерафинирани Приказни, како начин да ги доближам моите идеи и искуства до луѓето, без да звучам како уште една реклама. Но, во сржта на зборот лежи една поголема вистина од тоа како само пишувам, а тоа е која сум јас и како работам.
Отсекогаш сум била искрена, директна и без многу филтри. Не сум тип што ќе ги заобиколи работите за да звучат поубаво, ниту верувам дека вистинската промена доаѓа од таков пристап. Често користам хумор, понекогаш и малку поостар начин на изразување, затоа што луѓето не се менуваат кога им е удобно, туку кога ќе се соочат со нешто што навистина ќе ги раздвижи.
Не се работи за мотивација или убави зборови, туку за реална работа, со јасна насока, упорност и доследност. Мојата улога е да останам присутна во тој процес и да помогнам промената навистина да се случи, не само да се разбере.
Овој пристап не е за сите, и тоа е сосема во ред. Секогаш им велам на луѓето, не е важен пристапот, школата, филозофијата, праксата…важно е дали функционира за нив.
Што луѓето треба да направат најпрво за да одберат работа којашто ќе ги прави среќни?
Во реалност каква што ја имаме, со висок процент на невработеност и луѓе кои работат за минимални примања, ова прашање не може да се одговори наивно. Тоа не значи дека не е важно, туку дека треба да се гледа пореално. Затоа не би го поставила како идеал што мора да се достигне, туку како процес на подобро усогласување со себе.
Дополнително, мислам дека треба да расчистиме и што значи „среќа“ во овој контекст. Не станува збор за постојана возбуда и уживање, туку за внатрешно задоволство и спокој – онаа „тивка“ среќа. Таа би ја врзала со ентузијазам за творење, содзавање, придонесување. Или поинаку кажано, не е толку важно што работиш, туку на како ѝ приоѓаш и ја вршиш таа работа.
Стратешки гледано, првиот чекор е да се разберат сопствените потреби, што ти дава енергија, што те интересира, што ти е важно. Професијата не е идентитет, туку алатка. Не мора, ниту може постојано да биде интересна и возбудлива. А исто така, не мора сите интереси да станат професија. Но, можат да се вклучат во животот на различни начини и преку нив да се создаде чувство на исполнетост.
Како и во секоја врска, подлабокото задоволство доаѓа со време, преку вложување, разбирање и прилагодување. Целта не е да се најде „совршена работа“, туку да се изгради однос кон тоа што го правиме, кој ни дава повеќе смисла и стабилност.
За крај, која е Вашата порака до нашите читатели?
Во денешницата во која живееме, она што најмногу недостасува се човечноста и личната одговорност.
За подобрување на заедничкото „денес“, ве поттикнувам секогаш да го давате својот максимум во денот. Не секој ден е ист и не секогаш ќе бидете на сто проценти, но секогаш можете да бидете присутни и свесни во тоа што го правите.
Она што се случува во вашата околина се надворешни ситуации на кои ретко можете да влијаете. Но, можете да влијаете на начинот на кој ќе одговорите на нив. Тоа се гради со континуирано истражување на себе си.
И спротивно на многу од убедувањата со кои сме пораснати, не мора да го правите тоа сами. Сè започнува со еден збор – помош.

