СветСветот на работникот

Бесплатен стан и плата до 27.000 евра за работа без претходно искуство на шкотски остров

Сè повеќе луѓе сонуваат за бегство од градската врева и живот во помирна средина, а оглас за работа кој деновиве кружи на интернет нуди токму таква можност.

Станува збор за работа на оддалечен остров, која покрај солидна плата вклучува и обезбедено сместување, што ја прави особено привлечна за многумина.

Имено, пекара на шкотски остров бара работници без претходно искуство, со годишна плата која достигнува до 24.000 фунти, односно околу 27.000 евра. Дополнително, на вработените им е обезбеден и двособен стан, што значително ја зголемува вредноста на понудата.

Станува збор за пекарата „The Island Bakery“, која се наоѓа во Тобермори, на островот Мал. Компанијата е позната по производство на органски бисквити кои се продаваат и во престижни продавници, што ѝ носи висока репутација во секторот на специјализирана храна.

Што опфаќа работата?

Работодавачот бара дополнителни работници за работа во две смени – од рано утро до попладне и од попладне до полноќ. Почетната саатнина изнесува околу 15 евра, а претходно искуство не е потребно, бидејќи сите неопходни вештини се стекнуваат преку обука на работното место.

Вработените ќе бидат вклучени во целиот процес на производство – од подготовка на состојките до финална обработка на производите. Тоа вклучува мерење и подготовка на состојки, изработка на тесто, печење бисквити, украсување со чоколадо, како и пакување и контрола на квалитет пред испорака.

Една од главните причини зошто огласот привлече големо внимание е токму обезбеденото сместување. Станува збор за двособен стан наменет за две лица, па предност имаат кандидати кои се подготвени да го делат просторот. Во руралните делови на Шкотска, кириите можат да бидат високи, па вклучениот стан значително ги намалува животните трошоци.

Кога на тоа ќе се додаде и платата, вкупните услови за работа на островот стануваат многу конкурентни, особено за парови или пријатели кои би сакале да работат заедно.

Тобермори има околу 900 жители и претставува центар на животот на островот. Познат е по живописното пристаниште и шарените куќи кои често се појавуваат на туристички фотографии.

Сепак, животот на остров бара одредено прилагодување. До него се стигнува со комбинација од возење и траект, а нема кино, железничка станица ниту големи трговски центри. Од друга страна, нуди мир, природа и силно чувство на заедништво – нешто што за многумина претставува вистинска вредност.

Извор: Bizportal.rs