Сите мислат дека ова е работа од соништата: Млад пар ја доби, но условите би одбиле многумина
Живот на зелен ирски остров, опкружен со океан, фоки, китови и недопрена природа – за многумина звучи како совршена работа. Но, за оние кои ќе ја прифатат оваа понуда, идиличниот живот доаѓа со цена: нема стабилна струја, нема вообичаена топла вода, а лошото време може со денови да ги прекине врските со копното.
На Големиот Бласкет, остров во близина на западниот брег на Ирска, нема постојани жители. Сепак, секоја година се бараат двајца сезонски чувари кои околу шест месеци ќе живеат таму, најчесто од пролет до почетокот на есента.
Тие добиваат сместување и плата, а дел од потребните намирници и материјали се носат од копното.
Но, работата не е туристички одмор.
Од избраните кандидати се очекува заедно да водат мал кафе-бар, да се грижат за сместувањето на туристите, да ги пречекуваат гостите, да чистат, да послужуваат кафе и храна, но и да извршуваат ситни поправки и други секојдневни обврски.

Живот без удобности
Еден од најголемите предизвици е инфраструктурата.
Островот нема стабилно снабдување со електрична енергија, ниту класичен систем за топла вода. Водата треба дополнително да се загрева, додека енергијата се добива од ограничени извори.
Дополнителен проблем е времето. Кога морето е немирно, бродовите од копното може да не пристигнат со денови.
И слободното време не е однапред загарантирано.
Доколку временските услови се добри и туристите постојано пристигнуваат, чуварите може да имаат долг период на интензивна работа без класичен викенд.
На официјалната страница на Големиот Бласкет се нагласува дека работата не е за луѓе кои очекуваат платен одмор на остров.
Вработените спијат во просторија над кафе-барот и ја користат неговата кујна, а во текот на најпрометните летни месеци може да им се приклучат и волонтери.
Тогаш, зошто илјадници луѓе се пријавуваат?
И покрај условите, интересот за работата е огромен.
За една од сезоните биле пристигнати десетици илјади пријави, по што организаторите морале да го ограничат бројот на кандидати.
Причината е едноставна – за многумина ова е можност барем на неколку месеци да избегаат од градската гужва, автомобилите, канцелариите, екраните и брзиот начин на живот.
Наместо тоа, ги очекуваат океан, диви предели, ѕвездено небо и природа.
Но, островот носи и друга страна – дожд, силен ветер, физичка работа и повремена целосна изолираност од копното.
Токму затоа организаторите однапред ги предупредуваат кандидатите за условите, за да не пристигнат со романтизирана претстава за животот на островот.
Камила и Џејмс го избраа животот на островот
За сезоната 2025 година биле избрани Камил Розенфелд од Минесота и Џејмс Хејвс од ирската област Кери.
Младиот пар одлучил удобноста на домот да ја замени со живот на изолиран остров, далеку од топла вода, стабилна електрична енергија и автомобили.
Нивниот нов дом била камена куќичка на ветровит рид над океанот, опкружена со остатоци од некогашното населено место.
Камил, која тогаш имала 26 години, никогаш претходно не го посетила островот на кој требало да живее од 1 април до 30 септември.
„Мислам дека ќе уживаме во гледањето на зајдисонцата, набљудувањето на ѕвездите без светлосно загадување и опуштањето со книга и светлина од свеќа“, изјавила таа за „Гардијан“.
Како што додала, на двајцата им одговара тоа што излегуваат од својата комфорна зона.

На островот ги очекуваат спектакуларни природни глетки, китови, делфини и големи колонии фоки, но и услови кои бараат голема самостојност и подготвеност за живот без дел од удобностите што вообичаено ги земаме здраво за готово.
Извор: Telegraf Biznis

