Што претставуваат привремените вработувања?
РУБРИКА ЗА ТРУДОВО И СОЦИЈАЛНО ПРАВО
Тема: Што претставуваат привремените вработувања?
Привремени вработувања се оние вработувања кои се за вршење на привремени работи преку приватна агенција за привремени вработувања со наплата на надоместок. Овие привремени вработувања се вршат врз основа на претходно склучен договор за отстапување на работник помеѓу агенцијата за привремени вработувања и друг работодавач – корисник и договор помеѓу агенцијата и работникот кој се отстапува на работодавачот – корисник.
Условите за вработување и работа кои треба да ги исполнуваат привремените работници се истите кои би важеле и за редовно вработување. Секое лице има право на вработување, без какви било ограничувања, согласно со принципот на еднаков третман, утврден и со Законот за работните односи. Во контекст на принципот за еднаков третман забранета е и дискриминација по било кој основ.
ПРАВИЛНО е да се смета дека доколку договорот за вработување содржи одредби кои го забрануваат или спречуваат склучувањето на договор за вработување помеѓу работодавачот корисник и работниикот по неговото отстапување истите се неважечки и ништовни.
ПОГРЕШНО е да се смета дека привремените работници немаат право на учество на свои претставници во телата кои ги претставуваат работниците, напротив тие ги уживаат истите права како да се директно вработени.
Проф. д-р Лазар Јовевски

