Ја зголемија старосната граница за пензионирање на 70 години: Дали ваквиот систем е одржлив?
Старосната граница за пензионирање во 21 век расте ширум Европа како одговор на зголемувањето на очекуваниот животен век и подолгиот период поминат во пензија.
Данскиот парламент минатата година усвои пропис со кој границата за одење во полна старосна пензија, за лицата родени по 31 декември 1970 година, се зголемува на 70 години. Така, Данец роден на 1 јануари 1971 година или подоцна, ќе може да се пензионира дури во 2041 година.
Со ова, Данска ќе ја престигне Грција и официјално ќе стане земја со најдолг работен век во Европската унија.
Уште во 2006 година, Данска ја поврза старосната граница за пензионирање со очекуваниот животен век и овој праг се ревидира на секои пет години. Во моментов границата изнесува 67 години, а се очекува дека по 2070 година Данците ќе можат да се пензионираат дури на 74 години. Во Европската унија најдолго ќе се работи во Грција, каде што до 2030 година старосната граница ќе достигне 68,5 години, односно половина година повеќе отколку во Данска.
Пензиската реформа доби широка поддршка
Со договорот за социјална помош од 2006 година, Данска има цел да обезбеди економски одржлив систем преку прилагодување на старосната граница за пензионирање според очекуваниот животен век. Според поддржувачите на овој модел, зголемувањето на границата е неопходно за да се зачува пензискиот систем без дополнително оптоварување на идните генерации.
Реформата беше поддржана од сите водечки парламентарни партии во Данска, кои сметаат дека континуираното поместување на границата претставува одговорно прилагодување на демографските реалности и предуслов за зачувување на моделот на социјална заштита, односно избегнување дополнителен притисок врз јавните финансии.
Старосната граница за пензионирање во Европа генерално расте, а Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) предвидува дека до 2060 година таа ќе се приближи до 67 години во Европската унија, додека повеќе земји ќе ја надминат границата од 70 години.
Европјаните живеат сè подолго – просечниот очекуван животен век во Европската унија за лицата родени во 2024 година достигна 81,5 година. Тоа значи дека сè повеќе луѓе поминуваат и повеќе од 30 години во пензија, што иако е позитивен тренд, претставува предизвик за постојните пензиски системи.
„Физички тешките работи не можат да се работат до 70 години“
Сепак, многу Данци предупредуваат дека постојаното продолжување на работниот век не е одржливо и дека е потребна подетална дебата за пофлексибилни пензиски модели кои ќе ги земат предвид работните услови и природата на професијата. Тие истакнуваат дека подолгиот животен век не значи секогаш и подолга работоспособност.
„Мислам дека ова е нереално и неразумно. Не можеме да работиме бесконечно. Имам 47 години и ме чекаат уште многу години на пазарот на труд. Можеби ќе морам да најдам нова професија“, изјави за данското јавно радио работникот Томас Јенсен.
Тој додава: „Физички тешките работи е тешко да се работат до 70 години, па затоа старосната граница за пензија не треба да биде иста за сите. Веќе имав операции на колено, рамо и грб. Цел живот плаќам даноци и треба да имам време за децата и внуците.“
Дополнително, Данците не се меѓу народите со најдолг животен век во Европа, а сепак имаат најдолг работен век. Според последните податоци на Евростат, очекуваниот животен век во Данска изнесува околу 82 години – две години помалку отколку во Шпанија и Шведска, но три години повеќе отколку во Хрватска, која, како и повеќето понови членки на Европската унија, се држи до граница од 65 години.
Извор: EUpravo zato / Index.hr

