Ќе продолжи ли да се работи на новиот „Работнички устав“?
Се водеа полемики дали Владата ќе продолжи да работи на новиот Закон за работни односи или ќе почне сосема од почеток. Порталот Работник го праша Министерството за економија и труд.
Сметаме дека вложениот труд на нацрт-текстот треба да се вреднува и затоа ќе продолжиме со работа на истиот текст. Некои прашања можеби повторно ќе се отворат и дискутираат, но се додека имаме консензус со социјалните партнери дека Законот треба да е современ и да ја следи динамиката на пазарот на трудот, ние сме на добар пат тоа и да го добиеме, како краен резултат, велат од Министерството.
На прашањето зошто досега не се донесе Законот кој веќе седум години се влече низ јавни расправи и консултации, од Министерството за економија и труд рекоа дека со оглед на тоа дека станува збор за закон од огромна важност за државата, потребно е многу претпазливо да се работи на него.
Новиот текст на Законот за работни односи се работеше подлого време, со вклученост на сите чинители и особено активно учество на социјалните партнери. Разбирливо, околу некои прашања ’се кршеа’ копја, но генерално се работеше во добра волја. Имајќи предвид дека ова е закон зо големо значење и за работниците и за работодавачите, а оттаму и за државата и дека уште се нарекува ’Работнички устав’, секоја влада треба да се претпазлива кога со него се усвојуваат нови решенија, истакнаа од Министерството.
Синдикатите се поделени по однос на новиот Закон. Дел од нив се за да се донесе, додека дел сметаат дека потребно е да се измени и дополни постоечкиот за да одговара на динамиката на пазарот на труд и да се исправат неколку номотехнички грешки. Сметаат дека сегашниот Закон не е целосно применет во пракса, за да знаеме какви резултати дава.
Во кратка изјава за Работник минатата година, Претседателот на Собранието на Организацијата на Работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, рече дека согласно неговите информации и дискусијата на Економско – социјалниот совет, овој Закон нема да се донесе до крајот на мандатот на оваа Влада.
Веројатно новата Влада по изборите, ако одлучи да работи на нов ЗРО ќе почне сѐ од почеток. Ова значи повторно преговори помеѓу социјалните партнери и сите заинтересирани страни, рече Димитров.

