Светот на работникот

Ќимова за компаниската култура: „Таа е последната линија што ги држи луѓето, а кога ќе се помине, заминувањето станува неизбежно

Културата во една компанија е еден од одлучувачките фактори кои влијаат на тоа дали одреден вработен ќе остане во компанијата.

Во Македонија се уште има компании на кои компаниската култура не им е во прв план, па затоа имаат и голема флуктуација на вработени.

Трајанка Ќимова, специјалист за човечки ресурси за порталот Работник вели дек културата кај нас не може да се одвои од реалноста.

„Таа реалност е далеку од идеална: нејасни правила, постојано менување насоки, притисок без структура и систем кој ретко нуди вистинска заштита“, вели Ќимова.

Во такви услови, според неа, вработените ја носат целата тежина.

„Работат во средини каде што често се очекува да издржат повеќе отколку што е реално, со ограничени ресурси и без чувство дека некој стои зад нив. Не затоа што сакаат, туку затоа што немааат избор. Дополнително, кога трудот и вложениот напор не се соодветно вреднувани, ниту преку условите за работа, ниту преку платата, чувството на несигурност и незадоволство станува уште поголемо“, истакна Ќимова.

Токму поради ова, вели таа, културата не е вредност на хартија, туку единственото нешто што може да направи разлика во нефункционален систем. Дали ќе има разбирање, јасна комуникација и човечки однос или ќе има молк, притисок и префрлање одговорност.

„Од искуство, луѓето не си одат веднаш. Остануваат колку што можат. Но кога ќе сфатат дека нема систем, нема заштита и нема слух, а нивниот труд не е соодветно вреднуван, вклучително и преку платата, тогаш заминуваат. Не затоа што нашле нешто подобро, туку затоа што веќе не можат да издржат“, потенцира Ќимова.

Можеби најреалниот показател за состојбата не е колку луѓе заминуваат, додава Ќимова, туку колку остануваат а веќе внатрешно се откажале.

„Затоа, за мене културата не е само фактор за задржување. Таа е последната линија што ги држи луѓето и кога ќе се помине линијата, заминувањето станува неизбежно“, вели Ќимова.