Светот на работникот

Џабе Стратегија за вработување кога нема конкретни решенија како да се подобри регионалниот развој

Бобан Илијевски 

Македонија повеќе од 30 години потрфла во создавањето на внатрешна миграција, а со тоа и во креирањето на рамномерен регионален развој на полето на пазарот на труд. За тоа зборува фактот дека најголемиот дел од работниците во државата се сконцентрирани во Скопскиот регион, додека останатите се‘ повеќе се празнат. Трендот на преселување на луѓето во Скопје, но и патување до главниот град за работа, продолжува и понатаму, со оглед на тоа дека останува впечатокот дека таму се исплаќаат најголемите плати, што во некои случаи е и точно.

Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров се согласува со тоа дека внатрешната миграција во Македонија е еднонасочна и дека се сведува само на иселување на младите од внатрешноста на земјата и и преселеување во Скопје.

„Причината за ова е нерамномерниот економски развој во државата и преферирање на Скопје како главен град истовремено и како економски центар“, вели Димитров.

Ако државата сакаше, објасни тој, да ја промени оваа состојба, тоа можеше да го направи со мерките на економската политика, но како што вели, очигледно е дека рамнимерниот економски развој не беше приоритет на државата.

Димитров посочува дека тоа што сите владини институции, разни агенции, комисии и сл. се во Скопје, придонесува огромен број на граѓани да патуваат таму, а со тоа и да трошат одредени средства во главниот град.

Според него, најважното прашање во однос на рамномерниот развој е изградбата на стопански субјекти во внатрешноста на државата.

„Компаниите од ТИР зоните можеби малку помогнаа во решавањето на овој проблем, но во суштина тие вработија работници кои веќе работеа во домашните компании“, рече Димитров.

Доколку не се креираат полтиики за да се овозможи рамномерен економски развој, Димитров вели дека нашите помали гратчиња ќе се испразнат, како што тоа се случило пред 30 години со помалите села во Македонија.

Редакцијата на порталот Работник испрати прашања и до Владата на Република Македонија, но до објавувањето на овој текст не добивме одговор од нејзините служби.

меил до влада

Инаку, според едно истражување за регионалниот пазар на труд кое го има изработено организацијата за економски истражувања и политики „Finance Think“, во Македонија постои Стратегија за регионален развој која била започната во 2021, а ќе трае се до 2031 година. Исто така Владата има донесено и Стратегија за вработување (2021-2027).

Finance Think за оваа Стратегија во истражувањето го има заклучено следното:

„Иако стратегијата идентификува диспаритет на пазаот на труд во регионален контект, не вклучува конкретна цел насочена кон намалување на нерамномерниот развој на пазарот на труд во осумте региони и меѓу нив. Анализата покажува значен регионален диспраритет во однос на учеството на работната сила, стапката на вработеност и стапката на невработеност. Дополнително, изложеноста на сиромаштија е повисока кај работниците со привремени договори шо живеат во Југоисточниот и Североисточниот регион“.

Имено, Источниот регион на Македонија е меѓу оние кои најмногу и најбрзо се празнат, а со тоа се зголемуваат се повеќе шансите овој регион да остане со многу мал број на жители.

Покрај еднонасочната внатрешна миграција кон Скопје, уште еден сериозен проблем е и иселувањето на луѓето од државата чиј интензитет се повеќе зголемува.

Фото: Freepik

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.