3 неочекувани карактеристики на лошиот шеф и знаци на дисфункција, според експерт за работни односи
Превод и подготовка: Бобан Илијевски
Од микроменаџери, до критичари без да имаат никаква причина за тоа. Лошите шефовите имаат многу карактеристики по кои се познати, токму како лоши шефови.
Сепак, ова се очигледните и добро познати карактеристики на лошите шефови, но според Кевин Лег, основач на Sage, компанија која помага при дизајнирање и развивање на обуки за вработени, постојат неколку карактеристики на лошиот шеф кои се неочекувани и подмолни.
Имено, станува збор за: подменаџирање, премногу зборување и лажно пријателство.
„Овие карактеристики, покрај тоа што изгледаат безопасно, се посакувани од страна на многу вработени“, рекол Лег кој има 20 годишно искуство во корпоративно – професионалното учење.
„На крајот на краиштата, кој не би сакал шеф кој дава поголем простор? Што е погршено во тоа да се има лидер кој повеќе се однесува како пријател отколку како шеф? Лидер кој зборува премногу за време на состаноците може да биде иритантен, но постојат полоши карактеристики кои еден шеф може да ги има, нели?“
Но овие карактеристики често можат да имаат негативни импликации врз тимската кохезија, моралот, поччита и ефикасноста, додал Лег, особено за време на „периодите на висок стрес“.
„Кога ќе треба да се донесат тешки одлуки, прекумерно пријателскиот шеф ќе има недостиг на кредибилност да ги донесе тие одлуки“, објаснил тој.
„Подменаџерот ќе искуси парализа во носењето одлуки, правејќи ја ситуацијата уште полоша. Шефот кој премногу зборува ненадејно ќе сфати дека неговите или нејзините инструкции наишле на „глувоста“ на вработените кои одамна престанале да го слушаат.
1. Подменаџер
Вработените мразат микроменаџирање, но за Лег, подменаџирањето е позастапен порок.
„За да работите бидат уште полоши, лошите шефови постојано го глорификуваат подменаџирањето, на пример, велејќи дека нивните вработени можат да отидат кај нив кога и да им се потребни и дека нивната врата е секогаш отворена“, рекол тој.
Ова, според Лег, единствено би го рекол мрзливиот шеф кој има недостиг на храброст или работна етика вистински да обучува и води.
Без активен менаџер, работата страда бидејќи понеискусните вработените самите се насочуваат оти немаат водство. Тука може да се појави и „дисфункција“ како резултат на тоа што членовите на тимот ќе треба да погодуваат како да го вклучат шефот, за да им даде повратни информации или насоки.
„На среден рок, ќе се појави незадоволство на годишните оценувања на работата, кога луѓето ќе треба да се унапредат, бидејќи никогаш не достигнале до стандардот кој не им бил покажан“, предупредил Лег.
„На долг рок, ќе заминат во компанија каде ќе можат да се развиваат“.
2. Прекумерниот зборувач
Шефот кој зборува премногу обично има „надуено размислување“ за себеси и верува дека е најпамениот во просторијата, рекол тој.
„Ја обожаваат слатката мелодија на својот глас“, додал Лег. „Тие веруваат дека постојано мора да им држат лекции на вработените и ќе свикаат состанок само со таа намера“.
Она што е опасно во однос на ваковото однесување е што постојано ќе промовира култура каде луѓето „рефлексно“ ќе престанат да зборуваат.
„Вработените ќе очекуваат премногу зборување во ситуација кога во кратки црти може да се каже тоа што е потребно“, рекол Лег.
„Проблемот тука е што вработените престануваат да ги сфаќаат своите шефови сериозно. Ова значи дека вредните совети ќе бидат исфрлени со остатокот од непотребно искажаните зборови“.
3. Ултра добриот шеф
Имањето на прекумерно пријателски настроен шеф може да биде поштетно отколку што изгледа, потенцирал Лег.
„Шефовите го прават ова кога немаат сет на алатки кои ќе им помогне да ги навигираат асиметриите помеѓу нив и нивните вработени“ рекол тој.
„Тие употребуваат плитки и неефективни тактики на однесување и зборуваат со вработените како да им се „другари од маалото“ со кои се дружат во канцеларија“.
Доколку немаат јасни граници, можат да ги збунат вработените, бидејќи како пријател не можат да ги диктираат работата, унапредувањата или пишувањето референци.
„Некои вработени може да го прифатат пријателското однесување и да почнат да гледаат на шефовите како на „другари“, што ќе го отежни носењето на одлуки (за шефовите)“, рекол Лег.
Уште полошо е што вработените завршуваат „тргувајќи го пријателството“ за професионалниот исход кој им е потребен, па шефовите носат одлуки базирани на услуги, наместо на мерит.
„Еднаш штом почне, не постои ништо што може да го врати на професионалната стартна точка“, посочил Лег.
Што можат да научат вработените?
Добро е што вработените кои имаат шефови што ги поседуваат ваквите непосакувани карактеристики, можат да научат вредни лекции кои можат да ги применуваат во иднина – доколку станат менаџери.
„Искусувањето од прва рака на тоа што не треба да се прави е еднакво важно како и знаењето што треба да се прави“, рекол Лег.
„Како лидер, еднаш штом ги видите ваквите карактеристики, побрзо ќе можете да се препознаете себеси кога ќе дојдете во ситуација премногу да зборувате за време на состаноците, па ќе им отстапите простор и на другите да ги споделат своите мислења. Веднаш ќе го препознаете првото искушение да изигрувате другари со вашите вработени, по што ќе се соземете и ќе гледате да воспоставите пријателски, но професионален однос со вашиот тим“.
Доколку некогаш се слушнете да кажете „мојата врата е постојано отворена“, можете повеќе да се вклучите во професионалниот развој на вашиот тим и да држите редовни и структурани состаноци, рекол Лег.
„Имањето на овие модели во позадината на вашиот ум во процесот на напредување низ вашето лидерство, може да ви помогне да се движите во правилната насока, особено кога се во комбинација со навиките научени од подобрите лидери“.
Извор: CNBC Maket it
Фото: Freepik

