Останато

Фаворизирањето на одредена група вработени на сметка на останатите не носи нови вработувања

Автор: Бобан Илијевски

Фаворизирањето на одредени вработени е знак дека компанијата е токсично работно место, па по дифолт е и помалку атрактивна за кандидатите за работа. Веќе соочени со слични појави, кандидатите повеќе преферираат работни места каде што сите работници се третираат еднакво. Ова верувам дека ќе го потврдат и мноштвото на експерти за работни односи и човечки ресурси.

Уште една потврда дека тоа е така е извештајот изготвен од страна на веб страната за вработување „Monster“ во кое учествувале повеќе од 6,000 вработени. Имено, тоа вели дека 72 % од анкетираните работници посочиле дека сметаат оти фаворизирањето е црвено знаменце. Преведено, тоа значи дека не би сакале да работат во компании каде одредени вработени се третираат привилегирано, а останатите отпадок.

Лошите шефови, wannabe менаџерите или едноставно кажано – газдите, фаворизирањето го користат како алатка суптилно да намамат одреден вработен или одредена група на вработени да бидат на негова страна. Оваа појава е повеќе застапена во компаниите каде што менаџерот е поставен од работодавачот, односно не е сопственик на самата компанија. Преку фаворизирање, тој или таа смета дека може да обезбеди некаква поддршка од дел од тимот, за кога ќе му/ѝ „згусне под нозе“ да може некако да се испере пред очите на работодавачот.

Фаворизирањето е застапено и во компаниите каде менаџерот е и сопственик. Преку него, намерата му е да ги придобие работниците кои паѓаат на ласкања, за да кога ќе треба – да ги шпионираат останатите вработени.

Нема да бидам фер ако не споменам дека некои менаџери на фаворизирањето гледаат како на алатка која ќе обезбеди поголема продуктивност и ефикасност, бидејќи смета оти ако ги фаворизираат највредните вработени, повеќе ќе ги стимулираат повеќе да работат. Ова не е точно, од причина што со фаворизирањето на една група на вработени, на другите им се испраќа порака дека тие немаат никаква вредност во тимот и дека се вишок. Истите, доколку менаџерот продолжи со фаворизирање, за кратко време ќе заминат од компанијата и ќе бараат работодавач кој подеднакво ги цени сите вработени.

Некои ќе речат дека фаворизирањето го користат за да ги мотивираат работниците кои се помалку ангажирани да се ангажираат повеќе. Според мене, ова не начин на кој би требало да се направи тоа. Фаворизирањето не претставува тимска работа која, колку што знам, ги вклучува сите вработени.  

Ставовите искажани во колумната се на авторот и во ниеден случај не ги изразуваат официјалните ставови на порталот Работник

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk