Кандидатите за работа учат нова вештина – како на разговор да се покаже воодушевување од ВИ
Студентите можеби двапати размислуваат пред на професорите да им кажат колку користат вештачка интелигенција. Меѓутоа, на разговор за работа ситуацијата може да биде потполно поинаква – искуството со ВИ технологии одеднаш станува нешто со што кандидатите сакаат да се пофалат.
Но што ако немате многу искуство со вештачката интелигенција – или едноставно не сте убедени во нејзините можности?
Фелиша Кејс добила отказ во мај, откако работела како менаџерка на програми во компанијата LinkedIn.
Сега на разговорите за работа редовно ја прашуваат како ја користела вештачката интелигенција на претходното работно место. Кејс вели дека нема многу искуство на кое би можела да се потпре, бидејќи LinkedIn започнал посериозно да ги поттикнува вработените да ја користат ВИ технологијата непосредно пред него што ја напуштила компанијата.
„Може да делува како од нас да се бара да се вратиме и да стекнеме потполно ново образование за вештачката интелигенција“, рекла таа.
Како што работодавачите се’ повеќе ја прифаќаат ВИ и бараат работници со искуство во користење на оваа технологија, поедничени кандидати за работа велат дека чувствуваат притисок да покажат ентузијазам кон вештачката интелигенција – дури и кога имаат резерви кон нејзините ограничувања и пошироките општествени последици.
Поради тоа учат да ги користат ВИ алатките за на разговорите за работа да имаат конкретни примери, го нагласуваат своето интересирање за технологијата и се обидуваат да проценат колку ентузијазам работодавачите очекуваат да покажат.
ВИ вештините се појавуваат во се’ поголем број на огласи за работа, а некои од компаниите кои најмногу инвестираат во оваа технологија истовремено вработуваат и најголем број на нови работници. Неодамнешната студија на компаниите Ramp и Revelio Labs покажала дека компаниите кои најмногу вложувале во ВИ во главно бележеле поголем раст на вработеност од оние кои во оваа технологија вложувале помалку или воопшто не ја вовеле.
Колку всушност морате да биде воодушевени од ВИ технологијата?
Вработен во една голема технолошка компанија, кој моментално бара нова работа, рекол дека ВИ алатките му помогнале во помали програмерски задачи и во прегледувањето на документи, но дека е скпетичен кон поширокиот ентузијазам кој ја следи оваа технологија.
„Утре се’ магично да исчезне, не би пуштил ни солза“, рекол тој.
Сепак, тој смета дека работните места поврзани со вештачката интелигенција се „таму каде што се парите“ и дека токму во тој правец оди голем дел од технолошката индустрија, поради што се пријавил на неколку такви позиции.
Смета дека неговиот скептицизам кон ВИ можеби му одмогнал за време на едно интервју за работа, кога не успеал да глуми воодушевување од стратегијата на компанијата, која според него била претерана. Сепак, вели дека, доколку работата му била попотребна, веројатно повеќе би се потрудил да покаже ентузијазам.
„Имам одредена привилегија бидејќи моментално барам работа додека сè уште сум вработен, па не чувствувам толку силен притисок да се приспособувам“, рекол тој.
Невработените кандидати не секогаш ја имаат таа можност. Кристина Еступињан, софтверска програмерка која останала без работа, претходно за „Бизнис инсајдер“ рекла дека за време на интервју за работа чувствувала притисок да звучи воодушевено од вештачката интелигенција, и покрај загриженоста за нејзиното влијание врз животната средина и општеството, како и поради користењето на ВИ технологијата за надзор на вработените.
„Морам да измислам нешто што ме возбудува кога станува збор за ВИ бидејќи, искрено, ништо поврзано со вештачката интелигенција не ме возбудува“, рекла таа.
Карим Осман, потпретседател на компанијата за регрутирање „Роберт Халф“, претходно за „Бизнис инсајдер“ изјавил дека менаџерите задолжени за вработување сакаат да знаат како кандидатите ја користеле ВИ, вклучително и конкретни примери во кои технологијата им помогнала да надминат одреден проблем или да забрзаат некој процес.
Тој додал дека за многу работодавци интересни се кандидатите кои знаат да користат ВИ, но притоа не се потпираат целосно на оваа технологија. Исто така, прашањето за тоа како компанијата пристапува кон вештачката интелигенција за време на интервјуто може да ја покаже љубопитноста на кандидатот и неговиот интерес за насоката во која се развива бизнисот.
„Работодавците навистина сакаат да видат луѓе кои се приспособливи и кои прифаќаат нови технологии“, рекол Осман.
Кандидатите се обидуваат да проценат колкав ентузијазам очекуваат работодавците
Утврдувањето што точно сакаат да слушнат работодавците за вештачката интелигенција може да подразбира и следење на промените во пошироката јавна дебата за оваа технологија.
Поранешен експерт за комуникации во една голема технолошка компанија рекол дека повеќето компании со кои разговара сакаат да знаат како можат да ги користат ВИ алатките во работата поврзана со односи со јавноста. Поради тоа, тој експериментирал со технологијата, вклучително и со нејзина примена за следење на медиумската покриеност и анализа на сентиментот.
„Се чини дека раководството насекаде мисли дека ВИ е магичен лек за сè. Важно е да умеете да зборувате како некој кој пораснал со ВИ технологијата и да ги импресионирате вистинските луѓе“, рекол тој.
Сепак, во последните месеци забележал сè поголема загриженост поради трошоците за ВИ технологијата и нејзината прекумерна употреба. Поради тоа, за време на интервјуата за работа почнал да го менува пристапот и повеќе да се фокусира на препознавање ситуации во кои ВИ алатките навистина се корисни.
Секако, кандидатите за работа не можат да зборуваат за својот однос кон вештачката интелигенција доколку таа тема воопшто не се појави на интервјуто.
Поранешниот вработен во „Мајкрософт“, Моди Кан, завршил курс и стекнал сертификат од областа на вештачката интелигенција и машинското учење, надевајќи се дека на тој начин ќе се приспособи на технолошката индустрија која се менува. Сертификатот го додал во својата биографија, но вели дека регрутерите досега не покажале голем интерес за него за време на интервјуата за работа.
Арон Ланјевич, кој бара нова работа откако добил отказ во консултантска компанија, смета дека ВИ може драматично да ја зголеми продуктивноста доколку правилно се користи. Сепак, вели дека вештачката интелигенција не се споменува секогаш за време на интервјуата за работа.
„Ако не ја споменат, прашувам дали позицијата или компанијата поддржуваат ВИ алатки како што е Claude Code“, рекол тој.
Можете да бидете скептични кон ВИ – но до одредена граница
Кандидатите за работа не мора нужно да ја сакаат вештачката интелигенција за успешно да зборуваат за неа за време на интервју за работа.
Експертите за вработување со кои разговарале новинарите на „Бизнис инсајдер“, Медисон Хоф и Тим Паради, наведуваат дека кандидатите можат отворено да зборуваат за своите резерви, но треба да се фокусираат на начините на користење на технологијата кои им одговараат.
Џош Берсин, аналитичар и консултант за човечки ресурси, вели дека многу компании сè уште проценуваат на кој начин најдобро можат да ја користат оваа технологија. Поради тоа, за кандидатите може да биде корисно да поставуваат прашања за пристапот на компанијата кон ВИ, наместо однапред да ја отфрлаат технологијата.
„Ако му кажете на регрутерот дека не верувате во ВИ, можеби токму тогаш сте ја изгубиле можноста да ја добиете работата таму“, рекол Берсин.
Извор: Bizportal.rs

