Стив Џобс имал брутално едноставен трик за фокус: Ако се обидувате да стигнете сè, веројатно не го правите најважното
Кога во 1997 година повторно ја презеде контролата врз „Епл“, Стив Џобс не направи нова стратегија со 50 точки. Наместо тоа, направи нешто многу поедноставно – ја сведе компанијата на само четири производи. Лекцијата е актуелна и денес: ако се обидувате да постигнете сè, голема е веројатноста дека не го правите она што е најважно.
Кога Стив Џобс се врати во „Епл“ во 1997 година, затекна компанија со сериозен проблем – работела на премногу работи.
„Епл“ имала голем број производи, различни модели на компјутери и бројни проекти кои трошеле време, пари и човечки ресурси. Компанијата сè повеќе го губела правецот.
Наместо да додаде уште една стратегија, нов производ или нова цел, Џобс го направил спротивното.
Тој го собрал менаџментот и нацртал едноставна матрица. На едната оска биле „Consumer“ и „Pro“, а на другата „Desktop“ и „Portable“.
Четири полиња.
Идејата била едноставна: „Епл“ треба да создаде по еден одличен производ за секое од тие четири полиња. Сè останато може да биде отстрането.
Тоа бил еден од првите чекори со кои Џобс почнал повторно да го воспоставува фокусот во компанијата.
И токму тука се крие една од најважните деловни лекции која може да се примени и денес:
Фокусот не е способност да направите многу работи. Фокусот е способност да одлучите што нема да правите.
Најтешкиот збор во бизнисот е „не“
Џобс еднаш рекол дека „иновацијата е да кажете не на илјада работи“.
Тоа е многу потешкиот дел од иновацијата отколку што звучи.
„Да“ е пријатен збор. Тој значи нова можност, нов проект, нов клиент или нова идеја.
„Не“ значи откажување.
Но токму тоа откажување често ја прави разликата меѓу луѓето и компаниите кои се постојано зафатени и оние кои навистина напредуваат.
Проблемот на современиот деловен свет не е недостигот од можности. Напротив – ги има премногу.
Десет мејлови чекаат одговор, пет состаноци се на распоредот, три проекти се во тек, се појавува нова идеја, пристигнуваат пораки на неколку апликации, а тука се и социјалните мрежи и уште десет работи кои „би било добро“ да се завршат.
На крајот од денот можете да бидете целосно исцрпени, а сепак да не сте го направиле она што било најважно.
Затоа лекцијата на Џобс е едноставна:
Ако кажете „да“ на сè, најважните работи нема да имаат никаква предност.
„Епл“ не стана подобар затоа што работеше повеќе
Една од најголемите заблуди во бизнисот е дека растот е поврзан со бројот на работи кои компанијата ги прави.
Повеќе производи. Повеќе состаноци. Повеќе пазари. Повеќе вработени. Повеќе проекти.
Но понекогаш е токму спротивното.
Кога Џобс го презеде „Епл“, тој не се обиде да го поправи секој производ што постоел. Не направи листа со 100 приоритети.
Го намали бројот на приоритети.
Тоа е огромна разлика.
Ако имате 20 приоритети, всушност немате приоритети. Имате листа на сè што сакате да направите.
Вистинскиот приоритет подразбира избор, а изборот значи дека нешто друго ќе мора да почека.
Како да го примените принципот на Џобс?
Не мора да раководите со „Епл“ за да го примените овој принцип.
Доволно е да ја погледнете вашата листа со обврски и да направите сопствена верзија на четирите полиња.
Поставете си две прашања:
Што ми е моментално најважно?
Што од сè што правам всушност не е неопходно?
Потоа обидете се да ги сведете своите цели на неколку клучни категории.
Ако раководите со тим, тоа можат да бидат развојот на производот, клиентите, луѓето и финансиите.
Ако сте претприемач, можеби најважни се продажбата, производот, развојот и корисниците.
Ако работите на лични цели, тоа можат да бидат работата, семејството, здравјето и учењето.
Поентата не е нужно да имате четири категории.
Поентата е да го ограничите бројот на работи кои истовремено го бараат вашето внимание.
Не мора на сè да му дадете шанса
Уште една лекција од Џобс е особено важна за кариерата.
Не мора секоја добра идеја да стане ваш проект.
Не мора секоја можност да стане ваша работа. Не мора секој состанок да се одржи. Не мора на секој мејл веднаш да одговорите и не мора секоја цел да ја остварите истовремено.
Тоа не е мрзеливост.
Тоа е селекција.
Најпродуктивните луѓе не се нужно оние кои можат да завршат најмногу работи во еден ден.
Често тоа се луѓето кои најдобро проценуваат што воопшто не треба да прават.
Направете ја својата „Џобс листа“
За почеток, запишете сè со што моментално се занимавате – проекти, состаноци, обврски, идеи и планови.
Потоа поделете ги во три групи:
МОРА – работи кои директно влијаат врз вашата најважна цел.
МОЖЕ – работи кои се корисни, но не се пресудни.
НЕ ТРЕБА – работи кои ги правите само затоа што сте навикнати, затоа што сите ги прават или затоа што ви е непријатно да кажете „не“.
Токму третата група е најважна.
Таму обично се крие најголемиот дел од енергијата која можете да си ја вратите.
Бидејќи фокусот не значи додавање уште една техника за продуктивност на веќе преполната листа со обврски.
Фокусот значи чистење на таа листа.
Стив Џобс не се обидел да му најде на „Епл“ уште 50 работи што треба да ги прави.
Прво одлучил што „Епл“ повеќе нема да прави.
Извор: BIZLife.rs

