КолумниНовости

5,000 денари и БМВ

   Време за читање 2 минути

Социјалната помош изнесува 5,256 денари за едно лице. Оттаму нелогично е со толку мала сума луѓе да возат луксузни автомобили и да се пријавуваат како невработени. Сепак, Македонија е земја на „сѐ е можно“, па поради тоа ништо не е чудно.

Пред некое време разговарав со пријателка која работеше во Агенцијата за вработување. Во текот на разговорот таа ми кажа дека во Центарот каде што работела дошол да се пријави човек кој пред влезот се паркирал со автомобил кој чини голема сума на пари. Нејзе малку нелогично и паднало човек кој вози толку скап автомобил да е невработен, но потоа се сетила дека живее во Македонија. Малку се шегувавме со неа, но во реалност работите не се смешни, туку се трагични.

Земајќи го предвид сето ова, има голем број на луѓе (точната бројка не е позната) кои се водат како невработени, земаат социјална помош и живеат луксузен живот. А за да живеат така или треба да работат на црно или пак да им стигнуваат пари на сметка од странство, а на сето тоа државниот систем да замижува.

Токму поради ова, добро е што Владата работи на електронски регистар на приматели на социјална помош. Да се знае кој сѐ зема ваков надоместок и конечно да се воспостави некаков ред. Не може некој што очигледно е работоспособен да има право на ваков надоместок. Тие пари треба да им се додадат на оние на кои им е навистина потребна, а такви ги има многу.

Од друга страна, потребно е конечно да почне да се прочистува списокот на невработени во Агенцијата за вработување и да се утврди колкав е реалниот број на невработени лица во државата. Работодавачите пак, треба да ги зголемуваат платите и да ги подобруваат работните услови, а според Ангел Димитров, Претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, тие тоа веќе и го прават.

„Работодавачите во вакви услови [недостиг на работници] на пазарот на трудот, особено за квалификуваните работници преземаат најразлични мерки за задржување на овие работници, а во големите компании постојат посебни сектори за човечки ресурси кои се бават со овие прашања“, рече тој за порталот Работник.

Ставовите во колумната се на авторот и во ниеден случај не ги одразуваат официјалните ставови на редакцијата на порталот Работник

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера