67,000 луѓе во Србија се пуштени на принуден одмор
Директорот за стратешка анализа на Стопанската комора на Србија, Михаило Весовиќ рекол дека 67,000 работници се дома затоа што компаниите во кои работат моментално се затворени поради пандемијата на корона вирусот.
Весовиќ на онлајн конференцијата на Српската асоцијација на менаџери (САМ) навел дека вкупно 168 компании запреле со производство.
Тој рекол дека во кризни ситуации како пандемијата, најдобар начин да им се помогне на стопанствениците е даночното растеретување, покривање на дел од трошоците за платите на вработените и создавање на услови за зголемување на ликвидноста на компаниите.
„Очекуваме да ги имаме брзо сите мерки. Правилата на играта за решавање на кризата потполно се сменети, сега фокусот на државата и економијата е зачувување на здравствениот и социјалниот систем. Важно е и дека економијата покажа завидна доза на разбирање за проблемите со кои се соочуваме. Влегуваме во фаза кога работењето на компаниите ќе трпи сериозни последици. Сега во Србија имаме 67,000 работници кои се дома и 168 производствени компании кои запреле со производството. Ланците се раскинуваат, но не смее да се дозволи да прекинат“, рекол Весовиќ.
Како што е наведено на конференцијата, хотелската индустрија била првата што паднала на колена, приходите кои биле на десетици илјади евра дневно, сега паднале на неколку стотици евра.
Министерот за труд, вработување и социјални прашања, Зоран Ѓорѓевиќ изјавил дека доколку во време на вонредната состојба вработените во приватниот и јавниот сектор добијат откази на законски или незаконски начин, за тоа можат да ја известат Националната служба за вработување и да ги остварат своите права и додатоци.
Ѓорѓевиќ рекол дека граѓаните можат да се обратат преку електронски пат на веб страната на Министерството за труд и службата за вработување, додавајќи дека од понеделникот се обратиле 892 луѓе кои останале без работа.