90 % од учениците добиле вработување во една од поголемите компании во државата – 40 % во останатите. Предностите на дуалното образование
Дуалниот модел на образование дава резултати кои се гледаат преку вработувањето на матурантите од средните стручни училишта во компаниите.
Од Стопанската комора на Северна Македонија за порталот Работник велат дека дуалното образование како најефикасен начин во создавањето на стручен кадар, во чија реализација беа вклучени и образовните институции и реалниот сектор, посебно Стопанската комора, како мост помеѓу образованието и бизнисот, почна да ги дава првите резултати.
„По завршувањето на првата генерација на средношколци што се образуваше според овој модел на образование за квалификацијата Електричар, 90 % од завршените учениците беа вработени во ЕВН, Македонија каде учениците ја реализираа практичната обука и беа подготвувани од искусни ментори за нивните работни процеси“, посочија од Комората.
Вработување добиле и учениците вклучени во дуалните паралелки за квалификацијата Техничар за индустриска мехатроника, каде по нивното завршување, 40 % од нив биле вработени во компаниите каде ја реализирале практичната обука: Костал, ОДВ Електрик и ЛТХ Леарница, компании од Охрид; и Дрекслермаер од Кавардарци, а исто така, вработени ученици има и во Маркарат и Брако од Велес; Инокс Руен Аутомобиле, Кочани; Кромберг и Шуберт, Битола; Раде Кончар ТЕП, Скопје; Алкалоид, Скопје; Макпрогрес, Виница и други.
Бројот на компании – учеснички во дуалното образование драстично пораснал
За тоа дека дуалното образование дава резултати, како што велат од Стопанската комора, покажува и бројката на компании кои се вклучуваат во дуалниот модел на образование и која од година во година расте. Ако пред пет години, бројката на вклучени компании била 11, во учебната 2021/2022 година изнесувала 211, 2022/2023 – 500, во учебната 2023/2024 година беа вклучени 560 компании.
Расте и бројот на квалификации кои се стекнуваат преку дуалниот модел на образование и бројот на вклучени училишта и паралелки.
„Поткрепено со податоци состојбата е следна: во учебната 2020/2021 година, дуалниот модел на образование се реализираше во 8 средни училишта во 11 дуални паралелки, за 4 квалификации од електротехничкиот и машинскиот сектор, денес, дуалниот модел на образование се реализира во 61 средно стручно училиште во 259 дуални паралелки за 74 квалификации во скоро сите сектори и дејности“, посочија од Комората.
Со воведувањето на дуалниот модел на образование, преку комбинација на теоретското и практично знаење, практичната обука во компанија и модернизацијата на образовните програми, се подигна и атрактивноста на стручното образование и оваа година од вкупниот број на ученици, 2/3 биле запишани во стручното образование, велат од Стопанската комора.
Што дополнително треба да се направи за да се унапреди дуалното образование?
Според Стопанската комора, иако дуалниот модел на образование стана реалност треба уште да се работи на стимулација на младите да се запишуваат во стручните училишта.
„За почеток, мора системски да се уреди ваквиот модел на образование со донесување на предлог Законот за стручното образование и обука. Засега сѐ уште зборуваме за пилот проект, кој не може, како таков да биде одржлив со години“, велат од Комората.
Потребно е да се зголеми финансирањето во стручното образование и обука за да може да се реализираат активностите по стручните предмети. За ова, Комората има јасна цел – зголемување на процентот на издвоени средства во Буџетот за финансирање на образованието од досегашните 3,5 % на 5 % и опремување на стручните училишта со машини и лаборатории за изведување во наставата.
Од Комората велат дека модернизирањето на образовните програми според потребите на реалниот сектор треба да продолжи, како и да се воведат нови квалификации според потребите на пазарот на труд и воведување на нови методи во наставата.
„Потребна е континуирана промоција на квалификациите кои се нудат во стручните училишта, да им се доближат на учениците (завршените деветтоодделенци) коишто треба да одлучат за својата идна професија. Ние како Комора тоа и го правиме со Дигиталниот саем за уписи на учениците во стручните училишта, преку кој сакавме да им упатиме порака на учениците дека повеќето од работните процеси кои се изведувале во минатото мануелно сега се автоматизирани и потребно е учениците да стекнат дополнителни дигитални вештини во текот на свето образование. Исто така, целта ни беше да ги разбиеме стереотипите за машка и женска професија и секој ученик да ја избере својата професија според своите можности и потенцијали“, велат од Стопанската Комора.
Потребно е, потенцираат од таму, повеќе да се зајакне врската помеѓу работодавачите и средните стручни училишта за подигање на квалитетот на реализација на практичната обука во стекнувањето на вештините и компетенциите на учениците.
- Како да ги зголемите шансите за наоѓање работа преку LinkedIn профилот?| Изабела Шкоф, Советник за развој на кариера [ВИДЕО] - 24/04/2025
- ЕДНО ПРАШАЊЕ: Што значи прекувремена работа? - 23/04/2025
- КАКО ДА ОДГОВОРИТЕ НА ПРАШАЊЕТО „КОЛКАВА ПЛАТА ОЧЕКУВАТЕ?“ НА ИНТЕРВЈУ ЗА РАБОТА – ПРАКТИЧНИ СОВЕТИ НА ИЗАБЕЛА ШКОФ, СОВЕТНИК ЗА РАЗВОЈ НА КАРИЕРА [Видео интервју] - 17/04/2025