СветСветот на работникот

AI златна треска и екстремен труд: Технолошките компании воведуваат работна недела од 72 часа

Веб-страницата за вработување е шарена, полна со фотографии од насмеани млади работници и украсена со оптимистички слогани како „лудо темпо“, „бескрајна љубопитност“ и „опсесија со клиентот“. Под тоа се ветуваат бројни бенефиции: конкурентна плата, бесплатни оброци, членство во теретана, бесплатна здравствена и стоматолошка заштита и слично. Но потоа доаѓа предупредувањето. Секој оглас содржи напомена: „Ве молиме не аплицирајте ако не ве возбудува работа од 70 часа неделно, во живо со некои од најамбициозните луѓе во Њујорк.“

Страницата ѝ припаѓа на компанијата Rilla, технолошка фирма од Њујорк која продава AI-системи што им овозможуваат на работодавачите да ги следат работниците на терен додека комуницираат со клиенти.

Компанијата стана своевиден симбол на брзото и интензивно работно опкружување познато како културата „996“, понекогаш нарекувана и „hustle culture“ или „grindcore“.

Во суштина, ова подразбира работно време од 9 до 21 часот, шест дена во неделата (оттука „996“). За повеќето луѓе, тоа би било исцрпувачки. Но, според Вил Гао, шеф на одделот за раст во Rilla, вработените не го доживуваат така.

„Бараме луѓе слични на олимписки спортисти, со особини како опсесија и бескрајна амбиција. Тоа се луѓе кои сакаат да прават неверојатни работи и притоа да се забавуваат.“

Тој додава дека, иако часовите најчесто се долги, структурата на работата не е ригидна.

„Ако имам одлична идеја на која работам, работам до 2 или 3 часот наутро, а следниот ден доаѓам околу пладне“, објаснува Гао.

Ваквиот пристап станува сè попопуларен во технолошкиот сектор во последниве години, и тоа со причина. Развојот на вештачката интелигенција се одвива со молскавична брзина, а компаниите ширум светот работат со полна пареа за да ги развијат и комерцијализираат своите идеи.

Огромни количини пари се вложуваат во AI стартапи, но секој амбициозен основач стравува дека некој ќе го претекне. Брзината е клучна – и работниците во технолошкиот сектор се под притисок да работат подолго и понапорно за побрзо да постигнат резултати.

За културата 996

Културата 996 првпат се појави во Кина пред околу една деценија. Технолошките компании и стартапите ја прифатија во период кога земјата се обидуваше да прерасне во глобален лидер во напредните технологии, по фазата на доминација како „работилница на светот“ за евтини производи. Меѓу нејзините поддржувачи беше и Џек Ма, милијардер и основач на Alibaba.com.

Сепак, ваквите ставови предизвикаа бран критики: компаниите беа обвинувани за кршење на трудовото законодавство и неплаќање прекувремена работа, додека работниците беа принудени на прекумерна работа. До 2021 година критиките станаа толку гласни што властите не можеа да ги игнорираат, по што се направи законска интервенција. Иако културата 996 во Кина не исчезна, нејзините поддржувачи денес се многу потивки.

Еден исклучок беше поранешната ПР-менаџерка на Baidu, Кју Џинг, која во 2024 година на социјалните мрежи ја бранеше „културата на напорна работа“. Нејзината остра изјава „Јас не сум ваша мајка, ме интересираат само резултатите“ предизвика гнев, а подоцна таа се извини – што на крајот ја чинеше и работното место.

Сепак, културата 996 има свои приврзаници и на други места. Минатата година, Нарајана Мурти, основач на индискиот софтверски гигант Infosys, зборуваше со восхит за кинескиот пристап 996, истакнувајќи дека „ниеден поединец, ниту една заедница, ниту една држава не напредувала без напорна работа“.

AI златната треска

Зошто американската технолошка индустрија го прифати овој тренд? Клучниот фактор е забрзаниот развој на вештачката интелигенција.

„Пред сè, станува збор за AI компании“, објаснува Адријан Кинерсли, кој води регрутинг-фирми во Европа и Северна Америка. „Тоа се стартапи финансирани од венчур капиталисти, кои се во трка да развијат производи и да ги пласираат пред конкуренцијата. Тоа ги наведува да мислат дека, ако работат подолго, ќе победат.“

Еден таков стартап води Магнус Милер, млад претприемач од Германија. Тој е коосновач на Browser-Use, компанија која развива алатки за интеракција на AI-апликации со веб-прелистувачи. Живее во „хакер-куќа“, заеднички простор за живеење и работа, каде постојано разменуваат идеи, верувајќи дека долгиот работен ден е неизбежен.

„Она што се обидуваме да го изградиме е тешко. Му даваме на AI дополнителни способности. Тоа е исклучително тешко и конкурентно, а повеќето резултати доаѓаат кога целосно ќе се нурнете во проблемот… тогаш се случуваат фасцинантни нешта.“

Browser-Use моментално има само седум вработени, но планира проширување. Милер бара луѓе со ист менталитет како неговиот – оние што сакаат 40-часовна работна недела веројатно нема да се вклопат.

„Бараме луѓе кои се ‘зависни’ од она што го работат. Како да играте видео игри – за нас тоа не е работа, туку страст.“

Сепак, некои експерти предупредуваат дека долгата работна недела не значи и поголема продуктивност. Диди Дас, партнер во венчур-фирмата Menlo Ventures, смета дека младите основачи често грешат кога инсистираат на стилот 996:

„Многумина мислат дека бројот на часови е доволен за да се сметаат за продуктивни – и тука лежи заблудата. ‘Присилната работа’ може да ги одврати работниците со семејства или поискусните колеги кои можат да постигнат повеќе со помалку часови. Континуираниот прекувремен труд води до согорување.“

Сепак, за самите основачи правилата се поинакви: тие, со удел во компанијата и потенцијална добивка, често работат 70–80 часа неделно, што инвеститорите го гледаат како знак на сериозност и посветеност. Академичарката и авторка која ја проучува културата на работното место, Тамара Мајлс, истакнува дека „hustle culture“ е неодржлива, особено ако луѓето чувствуваат постојан притисок да работат, но признава дека во пракса постојат и сиви зони.

Извор: BIZLife