СветСветот на работникот

Индијци ја преплавија Москва: Поради воен недостиг Русија увезува илјадници работници

Соочена со драматичен недостиг од најмалку 2,3 милиони работници, дополнително влошен од војната во Украина и заминувањето на работната сила од Централна Азија, Русија се свртува кон Индија и во рекорден број доведува илјадници работници за да ги одржи фабриките, градилиштата и фармите.

Соочена со, според зборовите на властите, итен недостиг од најмалку 2,3 милиони работници — недостиг кој дополнително е продлабочен од оптоварувањето предизвикано од војната во Украина и кој традиционалниот извор на странска работна сила, земјите од Централна Азија, не може да го надомести — Москва се свртува кон нов извор: Индија.

Приливот на Индијци ѝ помага на Русија да го надомести недостигот од работна сила

Во 2021 година, една година пред Русија да испрати трупи во Украина, биле одобрени околу 5.000 работни дозволи за индиски државјани. Минатата година биле одобрени речиси 72.000 дозволи за Индијци — речиси една третина од вкупната годишна квота за работници-мигранти на кои им се потребни визи, пишува Reuters.

„Во моментов работниците од Индија се најбарани“, изјави Алексеј Филипенков, директор на компанија која ангажира индиски работници.

Тој наведе дека работниците од поранешните советски земји од Централна Азија, на кои не им се потребни визи, повеќе не доаѓаат во доволен број. Сепак, официјалните податоци покажуваат дека тие и понатаму го сочинувале мнозинството од околу 2,3 милиони легални странски работници без визи минатата година.

Меѓутоа, послабата рубља, построгите миграциски закони и сè поострата антиимигрантска реторика на руските политичари го намалија нивниот број и ја поттикнаа Москва да ги зголеми квотите за работници од други земји.

Изборот на Индија како извор на неквалификувана работна сила ги одразува силните одбранбени и економски врски меѓу Москва и Њу Делхи.

Индија купуваше руска нафта по намалени цени, која Москва — поради западните санкции — не може лесно да ја продаде на други пазари, иако тоа сега би можело да биде доведено во прашање.

Претседателот Владимир Путин и индискиот премиер Нарендра Моди во декември потпишаа договор со кој им се олеснува работата на Индијците во Русија. Денис Мантуров, првиот потпретседател на руската влада, тогаш изјави дека Русија може да прими „неограничен број“ индиски работници.

Според неговите зборови, потребни се најмалку 800.000 луѓе во производството, како и уште 1,5 милиони во услужниот и градежниот сектор.

Индијците работат во руски фабрики и на фарми

Московската текстилна компанија Brera Intex вработила околу 10 работници од Јужна Азија, вклучувајќи Индијци, за изработка на завеси и постелнина.

Седејќи зад шивачка машина, 23-годишниот Гаурав од Индија изјави дека во Русија работи веќе три месеци.

„Ми рекоа да дојдам тука, дека работата и парите се добри“, рече тој. „Животот во Русија е многу добар.“

Оженет и татко на две деца, тој изјави дека секојдневно разговара со семејството во Индија по телефон и дека им кажува дека му недостигаат.

Надвор од Москва, фармата Сергијевски исто така се потпира на индиски работници, ангажирајќи ги за преработка и пакување зеленчук за просечна плата од околу 50.000 рубљи (660 долари) месечно — износ за кој, како што тврдат на фармата, локалното население не сака да работи.

„Работам овде, во Сергијевски, веќе една година“, изјави 23-годишниот Сахил, кој наведе дека доаѓа од индиската област Пенџаб.

„Во Индија има малку пари, но овде има многу пари. Работата е тука.“

Притисокот од Соединетите Американски Држави врз Индија да ја прекине куповината на руска нафта — што претседателот Доналд Трамп ја поврза со трговскиот договор меѓу САД и Индија најавен овој месец — би можела да влијае врз подготвеноста на Москва да ангажира индиски работници.

Засега, сепак, не е јасно како Њу Делхи ќе ја прилагоди својата политика за купување нафта, а Москва го минимизира значењето на какви било назнаки за тензии.

Извор: b92.net