„Ако го изневерува партнерот, може да ја изневери и компанијата“: Претприемачка отпуштила вработени поради љубовна афера
Претприемачката и коосновачка на успешна компанија Наталија Доусон предизвика бурни реакции откако открила дека отпуштила двајца вработени поради нивна љубовна афера, иако врската се одвивала надвор од работното место и надвор од работното време.
Гостувајќи во еден поткаст, таа раскажала дека без многу двоумење донела одлука да отпушти вработена откако дознала дека го изневерува својот партнер. Набргу потоа открила дека и мажот со кого била во врска исто така имал партнерка, по што и него го отстранила од компанијата.
Водителот ја прашал зошто приватниот живот на вработените го поврзува со нивната работа, но Доусон останала цврсто на својот став.
„Не ми е важно дали тоа се случува на работа или надвор од неа. За мене, карактерот и интегритетот на една личност се исти во сите аспекти од животот“, изјавила таа.
Таа додала дека во својата работна средина не сака луѓе кои, според неа, ги лажат и ги измамуваат оние што им се најблиски.
„Ако некој е подготвен да го лаже својот партнер, тогаш се поставува прашањето зошто не би ги лажел колегите, клиентите или работодавачот“, објаснила претприемачката.
На дополнително прашање дали навистина би отпуштила некого само поради неверство во приватниот живот, таа кратко одговорила:
„Апсолутно.“
Поделени реакции во јавноста
Нејзината одлука предизвикала бројни реакции на социјалните мрежи. Дел од корисниците ја поддржале, сметајќи дека приватниот морал е тесно поврзан со професионалниот интегритет.
„Ако некој не може да почитува брак или врска, зошто би верувал дека нема да ја измами и компанијата?“, напишал еден корисник.
Поддржувачите на ваквиот став оценуваат дека лојалноста, чесноста и моралните вредности треба да бидат важни критериуми и во деловниот свет. Некои дури предупредуваат дека однесувањето на вработените надвор од работното место може да влијае и врз угледот на компанијата.
Од друга страна, критичарите сметаат дека станува збор за прекумерно мешање на работодавачот во приватниот живот на вработените. Тие предупредуваат дека во одредени земји ваквите откази би можеле да доведат и до судски спорови поради незаконска дискриминација или повреда на работничките права.
И покрај критиките, Доусон останува на ставот дека културата на една компанија не се гради само преку правила и процедури, туку и преку однесувањата што раководството е подготвено да ги прифати или толерира.
Извор: Telegraf Biznis

