АСОМ: Колапс на буџетот, уништување на 10.000 семејства и масовен бунт
Последиците од ваквото задкулисно носење на законот без јавна расправа ќе бидат катастрофални на секое поле. Први на удар се вработените – повеќе од 10.000 луѓе директно ќе останат без работа, а социјалниот крах ќе погоди над 35.000 граѓани заедно со нивните семејства, кои државата буквално ги тера да се иселат од земјава.
Дополнително, со затворањето на легалните објекти кои во моментов се единствената бариера за малолетници, играта се сели во „темните подруми“ на црниот пазар каде што нема никаква контрола на идентитетот. На тој начин, наместо заштита на младите, државата ќе предизвика контра-ефект, ќе го врати криминалот од деведесеттите, а 350 милиони евра кои годишно легално се слеваат во државниот буџет ќе завршат директно во џебовите на криминалното подземје.
Работниците од собирот испратија последен ултиматум до пратениците: „Доколку законот се турка без јавна расправа и се изгласа уште во првото читање, денешниот собир ќе се смета само за прв чекор“. АСОМ и АПИС најавија дека нема да дозволат уништување на легалниот сектор за туѓи интереси и најавија масовни и радикални протести низ целата земја сè до конечно повлекување на овој штетен закон.

