БАЛКАНСКИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ ВО ОФАНЗИВА: Двочасовен протест пред ЕУ во Скопје, најавена и целосна блокада на границите
Балканските транспортни асоцијации го запалија црвениот аларм. Македонските превозници, обединети под закрилата на „Макам-транс“, заедно со своите колеги од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, влегуваат во организиран револт поради долгогодишниот проблем со ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната (правилото 90/180 дена).
На состанокот одржан на 21 август 2026 година, превозниците донесоа одлука за преземање радикални чекори за заштита на транспортниот сектор.
Прва фаза: Предупредувачки протест пред Делегацијата на ЕУ
Првиот чекор ќе се реализира на 31 август 2026 година, кога во периодот од 12:00 до 14:00 часот ќе се одржи двочасовен протест пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје. На протестот е најавено учество на минимум 20 товарни возила, како и масовно присуство на сопственици на компании, возачи и вработени во транспортниот сектор од целата држава. Синхронизирани протести во истото време ќе се одржат и во сите четири земји од регионот.
Овој притисок доаѓа на само еден ден пред клучниот состанок на Работната група во Брисел, закажан за 1 септември 2026 година, каде што се очекува дедефинирање на овие пречки за балканските транспортери.
Втора фаза: Септемвриска блокада на граничните премини
Доколку Брисел не понуди преодно решение за престојот на возачите, транспортниот сектор најавува тотална блокада. Од 14 септември 2026 година е планирана организација на протести на сите гранични премини во земјите од регионот. Според најавите, оваа блокада би можела да биде слична на онаа од јануари годинава и да трае подолго од 10 дена.
За реализација на втората фаза, асоцијациите моментално спроведуваат внатрешна анкета меѓу превозниците за да се обезбеди поддршка од најмалку 70% од компанијата во секоја држава.
Покрај согласноста од транспортерите, ќе се бара и одобрение од надлежните државни органи, при што ќе бидат дефинирани витални стоки кои нема да бидат опфатени со блокадата (нафта и нафтени деривати, јаглен, муниција и ресурси за јавните претпријатија).
„Европската Унија нема добра волја“
Од „Макам-транс“ посочуваат дека во изминатите седум месеци Европската Унија не покажала вистинска волја за надминување на овој горлив проблем, иако во сопствената визна стратегија експлицитно ги признава професионалните возачи како лица кои вршат деловна дејност, а не како класични туристи.
Крајната одлука за тоа дали регионот ќе се соочи со транспортен колапс во средината на септември зависи од исходот на претстојните разговори во Брисел.

